Tина Иванова, музиколог, продуцентка, писателка – секоја сабота на Фронтлајн.
САМОЕГЗОРЦИЗАМ
Ноќите се тешки.
Некогаш се толку тешки, како некој полека да ме носи во бунар полн со вода.
Почнувам да се давам, но сепак, успевам да соберам малку сила за борба за живот. Подавам рака кон излезот, кон отворот од кој ѕирка мирно небо, но кратка е. Не го достигнува тоа бледо синило, под кое пее златен зрак на надеж.
И повторно ме обзема чувство на безволие.
Си велам: „И онака немам на кого да ја подадам. Немам кого да допрам, чија љубов да прегрнам.”
Се молам.
Со свои зборови се молам во часот кога се будам длабоко во мракот, да излезе барем треморот од мојот стомак.
И она нешто што ме стега, како да спијам во викторијански корсет.
Молам да ми се расчисти расколот во мислите.
Излези! Излези!
Се дерам во себе.
Ме мачиш ти, ламјо непоканета, којзнае од каде дојдена.
Се обидувам да си направам самоегзорцизам.
Тешка е ноќта врз мојата перница.
Немам солзи.
Никако не излегуваат од очиве широко отворени.
Чувствувам како пливаат во цревата и ја топат сета валкана храна, којашто ја јадам бесмислено.
Утрата се малку полесни.
А, денот ги покрива траумите со чистење на валкани садови и алишта.
Доаѓа ноќта, пак…
Подготвувам нов терен за истерување на духови.
#poetryisnotdead
„Поезијата е поблиску до вистината, отколку историјата, рекол Платон.
Пишувам поезија и проза за да ја разберам осаменоста. За да ја засилам љубовта и полесно да се доближам до смртта. И, за да ги уништам злобата и лицемерието што се случуваат пред моите очи.” – Тина Иванова.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Не е дозволено преземање без писмена дозвола од редакцијата.
Прочитајте и…