Северна Кореја се подготвува да испрати повеќе војници во Русија за да ја поддржи нејзината војна против Украина, дури и откако претрпе значителни загуби, предупреди на 24 јануари јужнокорејскиот здружен штаб (JCS), пренесува новинската агенција Јонхап.
„Поминаа околу четири месеци од распоредувањето на војниците во војната меѓу Русија и Украина, се претпоставува дека (Северна Кореја) ги забрзува подготовките за дополнителни мерки и распоредување во услови на повеќекратни жртви и појава на затвореници“, се вели во соопштението, според Јонхап.
Како што пренесува Кијив Индипендент, шефот на военото разузнавање на Украина, Кирило Буданов, претходно изјави дека Пјонгјанг наводно подготвува засилување, главно единици за оружје и ракетна артилерија, за учество во војната во Украина.
Се очекува и Северна Кореја да и испрати на Русија 150 балистички ракети KN-23 со краток дострел во 2025 година, според Буданов.
Њујорк тајмс објави дека според неоткриен американски официјален претставник, нови севернокорејски трупи би можеле да пристигнат во рок од два месеци.
Подготви, Д. Мишев / Цивил Медиа