Марија Бељкаш, студентка на Академијата за уметности во Нови Сад, крајот на гостувањето во емисијата „Меѓу нама“ на ТВ Нова го посвети на својата колешка Ана, која минатата недела беше претепана од активисти на СНС.
„Јас сум од Академијата за уметности и колешка ми е Ана, и само сакам да ја искористам оваа прилика да ја поздравам и да кажам дека таа беше во првиот ред и го носеше тој транспарент сега на овој голем протест и тоа е нашата најголема победа. “, рече Марија низ солзи.
На прашањето дали Ана сега е добро, таа одговори: „Да, да, да, Ана е добро“. „Ана е одлична, ги има тие шини – извинете што сум ваква на програмата – ги има тие шини во устата, но нашата најголема победа е што тие рани не нè болат и нема да престанеме“.
На 28 јануари среде ноќ се случија два напади во Нови Сад, на две локации. Првиот напад се случи пред просториите на СНС на Булевар „Ослобоѓења“, кога двајца студенти закачуваа налепници за протестот што ќе се одржи на 1 февруари.
Според зборовите на студентите, двајца мажи излегле од просторијата и физички ги нападнале, тие потоа си заминале, а вториот напад се случил во основното училиште „Петефи Шандор“, каде, според зборовите на студентите, истите лица нападнале друга група студенти. Во таа прилика со бејзбол палки ја претепале Ана, студентка од Академијата за уметности и и ја скршиле вилицата.
Полицијата уапси четворица осомничени за нападот врз новосадски студенти и денеска Основниот суд во Нови Сад им одреди 30-дневен притвор.