Во руските напади низ украинските области загинаа најмалку 12 цивили, а најмалку шест беа повредени во текот на изминатиот ден, објавија регионалните власти на 21 февруари.
Во сенка на преговорите помеѓу САД и Русија, додека трамп вината за војната лажно ја префрла врз Украина, Русија лансираше 160 нападни беспилотни летала од типот Шахед и беспилотни летала за мамка против Украина во текот на ноќта, соопшти Военото воздухопловство. Осумдесет и седум беспилотни летала беа соборени, а 70 беа изгубени без да се предизвика штета, се вели во соопштението кое го пренесува Кијив индипендент.
Руските сили, исто така, наводно истрелале две балистички ракети Искандер-М/КН-23 против областа Одеса, објавија воздухопловните сили, без да наведат детали за последиците.
За време на руските напади врз областа Никопол во Днепропетровската област, двајца мажи на возраст од 57 и 73 години беа убиени, а една жена беше повредена, изјави гувернерот Серхи Лисак. Оштетени се две претпријатија, два дуќани, едно кафуле, две висококатници, шест куќи и други објекти.
Според гувернерот Вадим Филашкин, во руските напади врз Доњецката област загинаа седум лица, а двајца беа повредени.
Во воздушен напад врз градот Костијантинивка загинаа пет лица, едно беше повредено и оштетени се повеќе згради. Според Филашкин, уште две лица се убиени во Миколаивка и Веселе, а еден цивил е повреден во Покровск.
Во Херсонската област две лица загинаа, а двајца се повредени во руски напади, изјави регионалниот гувернер Олександр Прокудин. Оштетени се 15 куќи и една катна зграда.
Според гувернерот Иван Федоров, во областа Запорожје, еден маж бил убиен за време на руски напад врз Хулиаиполе, а една жена била повредена за време на удар врз Биленке.
Подготви: Д. Мишев / Цивил Медиа