На третата годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина, Генералното собрание на ОН гласаше за резолуција со која се повикува на итно повлекување на руските сили. На гласањето во 193-членото тело за предлог резолуцијата поднесена од Украина и европските држави, 93 држави гласаа „за“, а 18 гласаа „против“. Имаше 65 воздржани.
Генералното собрание потоа ја стави во процедура за изјаснување и усвојување и конкурентската американска резолуција која бара брз крај на војната, но не ја спомнува руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година. За оваа резолуција следуваше процедурална интервеннција и таа беше дополнета со формулација која јасно укажува дека Русија извршила инвазија на својот помал сосед, кршејќи ја Повелбата на ОН. Согласност со изменетиот предлог изразија 93 држави. Осум гласаа против. Имаше 73 воздржани – вклучително и САД.
Северна Македонија за двете резолуции се воздржа од гласање, иако за првичната верзија на предлогот на САД беше и коспонзор, заедно со Израел и Унгарија.
Ова е голем пресврт во политиките на Владата на Северна Македонија ако се знае дека само пред 6 месеци Мицкоски гордо го носеше украинското знаме, а сега се воздржа да гласа за резолуција која ја споменува Русија како агресор.
Срамота и скандал без преседан
Северна Македонија гласаше воздржано за европската резолуција „Унапредување на сеопфатен, праведен и одржлив мир во Украина“. Од што се воздржа нашата држава кога требаше да се изјасни за европската резолуција „Унапредување на сеопфатен, праведен и одржлив мир во Украина“, го прашавме Џабир Дерала, претседател на Цивил – Центар за слобода.
„Се воздржа од Резолуција со која се осудува руската воена агресија врз Украина, се дава поддршка на територијалниот интегритет на земјата, и се бара итно повлекување на рускиот агресор. Скандал без преседан е блага оценка за оваа одлука на македонскиот државен, владин и дипломатски врв“, оцени за Рацин.мк Џабир Дерала.
Тој потсети дека Мицкоски и неколкумина други министри во Владата, на Денот на независноста на Украина во август минатата година, го носеше украинското знаме низ цел центар на Скопје.
„Во вода паѓаат сите изјави на Мицкоски со кои даде вербална поддршка на Украина. Сето тоа веќе ништо не значи. Сега е безначаен и јунскиот настап на неговата штитеничка, претседателката Силјановска-Давкова на Меѓународниот самит за мир во Украина во Швајцарија“, истакнува претседателот на Цивил – Центар за слобода.
За Џабир Дерала новата „нормалност“ што ја наметна Мицкоски и тие околу него, претставува нагло свртување на ориентацијата на државата.
„Нивното однесување е лишено од секакво чувство за демократија. Тие не најдоа за сходно дури и да одглумат дека се дел од еден демократски систем, да отворат некаква, било каква, дебата во јавноста, парламентот или други релевантни форуми. Ако ме прашате да го опишам тоа со еден збор, единствено можам да кажам – срамота!“, нагласува Џабир Дерала.
„Така одлучивме“ е инфантилно и суштински неодговорно
Загрижувачки и, во најмала рака ризични се последните чекори на Владата во контекст на нејзиното дејствување во рамките на ОН, смета Ана Чупеска, редовна професорка на факултуетот за политички науки при Правниот Факултет “Јустинијан Први” на УКИМ во Скопје и потпретседателка на СДСМ.
„Овој ризик, посебно е врзан за фактичкиот вакум кои во моментов постои долж линијата САД, ЕУ, и МКД помеѓу. Овој вакум е предизвикан од овјективни причини кои имаат свој локус во актуелниот меѓународен момент. Нашата дипломатија мораше да биде свесна за ова“, укажува Чупеска.
Ние, вели Чупеска, како членка на НАТО, со усогласена Заедничка надворешна и безбедносна политика со ЕУ, и со отворени преговори со Унијата, имаме наш сопствен меѓународен интерес и стратешки пат, а сме во стратешко партнерство со САД.
„Тој пат досега никогаш не изискувал фаворизирање на едното или на друго. Напротив, националниот интерес секогаш се лоцирал долж евро-евроатланската перспектива и во статешко партнерство со САД. Истовремено и без исклучок“, посочува Ана Чупеска.
За неа последните случувања, ни даваат за право да бидеме не малку, туку многу загрижени, за вака етаблираната неконзитенција во надворешната политика, т.е. за едно неодговорно делување, кое, според Чупеска, може да предизвика несогледливи последици по нас.
Чупеска предупредува и на проблемот што актуелната Влада демострира, арогантно самоволие, без никакво образложение за донесувањето на одлуката:
„Простете, но, неприфатлив ставот ‘Така одлучивме’, како што рече премиерот. Тоа е надворешно политички волунтеризам, без да се консолидира сеопфатен став.
За Чупеска, како потпретседател на СДСМ, партијата има јасен став, дека ние како мала земја мора да бидеме максимално внимателни и уште поважна, конзистенти во нашата надворешна политика.
„Сѐ останато е на ниво на инфантилност и суштински неодговорно, односно недржавничко“, оцени за Рацин.мк Ана Чупеска, редовна професорка на факултуетот за политички науки при Правниот Факултет “Јустинијан Први” на УКИМ во Скопје и потпретседателка на СДСМ.
Соломонско решение
Универзитетскиот професор Нано Ружин, познавач на меѓународната политика и поранешен амбасадор на нашата земја во НАТО, има поинаков поглед на околностите поврзани со двете резолуции за Украина во ОН и сугерира дека треба да се гледаат во контекст на актуелната, голема и забрзана трансформација во светот, како што оценува тој.
„Во таквиот контекст, мислам дека настаните во дипломатијата одеа побргу отколку што тоа произлегува од теоријата и од настаните поврзани со резолуциите. Во такви околности, Македонија се најде во неповолна ситуација бидејќи од една страна се амбицира да стане членка на ЕУ, а од друга страна е стратешки партнер со САД. Дури се појави и како коспонзор на резолуцијата на САД, заедно со Израел и Унгарија“, посочува професорот Ружин.
Во таквиот контекст, укажува Нано Ружин, Владата на Северна Македонија избра соломонско решение.
„Се покажа дека како мала држава Македонија нема капацитет да води големи политики и, се чини, дека немаше друг излез. Но, јас не сметам дека на тој начин Северна Македонија ја издаде Украина и се оддалечи од ЕУ, туку, едноставно, се изјасни за еден рационален пат. Впрочем, се констатира дека во последните денови веќе никој не зборува за војна, туку сите зборуваат за мир“, напоменува поранешниот амбасадор во НАТО Нано Ружин.
Тој посочува дека се различни формулите како да се постигне тој мир и тие зависат најмногу од непредвидливиот Трамп.
Ружин го свртува вниманието на вчерашната средба на Трамп со Макрон, на која, вели професотот, ЕУ се избори да испрати, да стационира одредени сили за набљудување на жешките простори во Украина. „Претпоставувам на новите граници и, што е најинтересно, тоа Путин го прифати“.
„Како и да е, во нашата свест и во историјата ќе остане забележано дека прв пат за една резолуција гласаа заедно САД, Русија, Северна Кореја, Јужен Судан, Белорусија и Унгарија“, истакнува Ружин.
Тој вели дека треба да се има предвид дека во Македонија лошо започна дебатата за новите политики на Трамп и за овие прашања кои тргнуваат само од денешен политички контекст.
„Тоа е голема грешка. Јас мислам дека Доналд Трамп е многу голем и способен политичар затоа што тој, слично како Макиндер на времето, преку Кисинџер до Бжежински, размислува геоекономски за својата земја. Размислува во полза на САД, односно за нивната стратешка цел, којашто беше и е никогаш да не се дозволи да дојде до толку големо приближување меѓу СССР на времето, односно на Русија и Кина, бидејќи Кина ја смета евроазија за свој простор за влијание. Затоа така треба да се толкува Трамп“, укажува универзитетскиот професор Нано Ружин, познавач на меѓународната политика и поранешен амбасадор на нашата земја во НАТО.
Дипломатско промашување на Владата на ВМРО ДПМНЕ
Само со една едноставна реченица „Така одлучивме“, Христијан Мицкоски со еден потег го избриша сето она за што три години се залагаше Македонија, како подршка на борбата на Украинскиот народ да си ја одбрани државата од Руската агресија.
Со чинот на коспонзорство на Резолуцијата на САД, Владата на ВМРО ДПМНЕ ги „поништи“ сите историски процеси во кои туѓи сили вршеле агресија врз територијата за која сметаа дека не ѝ припаѓа на Македонија и дека тука не живеат Македонци.
Дали тоа е „новото нормално“ за кое говори Мицкоски по враќањето од САД?
Вакво дипломатско харакири не е видено од 1999 година кога истата партија, ВМРО ДПМНЕ го призна Тајван и ги прекина дипломатските односи со Кина, постојана членка на ООН.
И овој пат ВМРО ДПМНЕ покажа тотален аматеризам во одбрана на националните интереси, но и на Европа, на континетот на кој се наоѓа и каде што генерации македонски реолуционери барале подршка, а сегашните граѓани во огромно мнозинство се изјаснуваат за полноправно членство во ЕУ.
ВМРО ДПМНЕ заборава дека Македонија не е и не може да биде 51- ва Американска држава колку и да му се „увлекува“ на актуелниот американски претседател Доналд Трамп.
При гласањето во ОН мнозинството држави во светот на гласањето на двете резолуции се определи за онаа на Украина подржана од земјите членки на Унијата. Инаку американската Резолуција што беше коспонзорирана од Македонија не помина, туку беше видоизменета со амндмани од страна на ЕУ. На крајот ни САД ни Русија не гласаа за сопствената Резолуција за која ги прифатија амндманите.
Македонија мора да знае каде припаѓа и со кого треба да ја дели судбината. Горчината од долгогодишниот процес на интергација колку и да е оправдана кај граѓаните, не смее да го надвладее разумот и да го замати умот во опредлување на стратешките интереси.
САД секако се важен стратешки партнер, но токму затоа како моќна земја САД треба да имаат разбирање за дипломатските потези на една мала земја за која знае каде претендира да биде членка, а не обратно.
Иако резолуциите нема да имаат директно влијание врз војната меѓу Русија и Украина, сепак тие се знак дека европските земји сѐ повеќе сакаат да покажат автономна позиција во однос на САД на светската сцена, особено кога станува збор за конфликтот во Украина.
Зоран Бојаровски / Рацин.мк