Речиси 1.500 тестови за коронавирус се направени во државата за повеќе од еден месец, односно од 15 февруари до 24 март. Најголем број на тестови се направени во лабораторијата при Институтот за јавно здравје во Скопје – 933, а 560 во приватната болница Жан Митрев. Првиот тест е направен на 15 февруари, покажува деталниот извештај на Институтот за состојбата со епидемијата на Ковид-19 во земјава. Во последниве 24 часа се извршени 202 тестирања, пренесе Алсат М.
Во меѓувреме, продолжуваат тестирањата во отворените 14 пунктови низ градовите. Институциите сè уште немаат конкретна бројка колку тестови се досега направени во нив, но во Скопје денеска има зголемен интерес за тестирање во споредба со вчера. Денеска до 14 часот, вкупно 46 луѓе дале брисеви, од кои 15 во Ченто и 31 во поликлиниката Јане Сандански. Здравствените власти очекуваат овој тренд да продолжи, а се размислува овие два пункта да работат и во сабота. Од понеделник пак, конечно ќе треба да стартува со работа и пунктот во Чаир.
„Пунктот во Чаир веќе се спрема, за некој ден и тој ќе биде на располагање. Има и телефонски број во Министерството за здравство каде можат да се добијат сите информции во однос на коронавирусот. Имаме протокол како се постапува….“, рече Арменд Арслани – заменик министер за здравство.
Постапката за тестирање од корона започнува преку телефонски повик до матичниот лекар, кој ќе ви постави десетина прашања од епидемиолошки аспект – дали сте биле во странство, дали имате зголемена температура, кашлица или потешкотии во дишењето? Ако ги имате симптомите, лекарот преку „Мој термин“ ве упатува во пунктот во близина на местото на живеење.