Директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева изјави дека новиот корона вирус ја турна глобалната економија во рецесија и оти државите треба да одговорат со огромно зголемување на потрошувачкатаза да ја избегнат потенцијалната серија банкроти.
Таа преку видео-конференцја, одржана синоќа во Вашингтон истакна дека на земјите во развој им се потребни најмалку 2,5 билиони долари финансиска помош за да ја надминат кризата.
– Сега е јасно дека влеговме во рецесија, иста, ако не и полоша од таа во 2009 година, посочи Георгиева, додавајќи дека истата ќе се продлабочува и понатаму.
Таа оцени дека за разлика од бавното заздравување од глобалната финансиска криза 2008/2009 сега може подобрувањето на економијата да се случи уште во 2021 година, но под услов ако се запре Ковид-19 и се спречат проблемите со ликвидноста.
Директорката на ММФ потенцира дека ќе уследи влошување на ситуацијата на многу пазари во раст, кои се уште не се директно погодени од новиот коронавирус, но имаат одлив на капиталот, намалена потрошувачка за нивниот извоз и драстичен пад на цената на суровини што ги извезуваат.
Досега 81 држава побара или се распрашувале за итно финансирање од ММФ, од кои 50 земји со ниски приходи и 31 со средни доходи, меѓу кои Пакистан, Гана, Иран и Киргистан, на кои им е одобрена првата помош.
Извршниот одбор на ММФ вчера одобри измени што ќе му овозможат на Фондот да ги ослободи од отплата на долговите најсиромашните држави и најзагрозените членки во рок од две години.
Светска банка одобри слични измени со цел да се олесни долгот на сите земји-членки и најави дека ги разгледува „корона“ проектите за финансирање на здравството за 25 земји, со вкупна вредност од две милијарди долари. СБ одвои 14 милијарди долари за здраствените системи во борбата против новиот корона вирус.