Европските и американските берзански индекси на почетокот на трговската недела се намалуваат откако царините воведени минатата недела од американскиот претседател Доналд Трамп продолжуваат да ги потресуваат пазарите.
На 2 април, администрацијата на Трамп воведе реципрочни царини за практично сите земји во светот, како и царини од 25 отсто за увоз на сите автомобили од странско производство, објави Си-Ен-Ен. Според американскиот претседател, тој датум „засекогаш ќе биде запаметен како ден кога американската индустрија повторно се родила“.
Европската унија е погодена од американските увозни царини од 20 отсто, Велика Британија 10 отсто, Норвешка 15 отсто, а Швајцарија со царини од 31 отсто. Во Европа, најтешко се погодени компаниите кои во голема мера се потпираат на глобалната трговија и синџирите на снабдување, како и на автомобилскиот сектор.
Кина е погодена од американски царини од вкупно 54 отсто, а властите во Пекинг реагираа со најава за воведување сопствени царини од 34 отсто за увоз на стоки од САД од 10 април.
Според досегашните податоци на берзата, цената на суровата нафта падна на 59.447 долари, а на нафтата од типот брент на 62.938 долари.
Цената на златото падна на 3.014,27 долари за унца, а цената на пченицата порасна на 5,3475 долари за бушел (бушел изнесува 27,216 кг). Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Форекс изнесува 1,10942, што е за 0,88 отсто повеќе отколку на почетокот на тргувањето.