Премиерот Христијан Мицкоски најави изготвување софтвер и посебна бесплатна апликација со која граѓаните ќе можат веднаш да прават споредба на цените во маркетите. Како што рече денеска, одговорајќи на пратенички прашања, по воведувањето на мерката трговците јавно да ги објавуваат цените на производите, се покажало дека некои од нив на Владата и „плукаат в лице“. Еден од ланците маркети објавил повеќе од 17 000 артикли на листа од 100 страни со што, рече Мицкоски, „ја вулгаризирал“ мерката.
Според премиерот, минималната потрошувачка кошничка се намалува. Тој очекува ваквиот тренд да продолжи или барем да се стабилизира, да нема дивеење или девијантно однесување, а ако повторно има, напомена, ќе се донесе соодветна мерка. ДПИ ќе ја следи состојбата.
-За жал, државава како да е депонија на производи. Имаш чувство дека дел од маркетите и трговците имаат изгубено чувство каде стопанисуваат па имаат маржи надвор од нормалните, а не ретко има индиции и за картелско здружување на одредени правни субјекти кои диктираат цени и маржи. Ние анализираме, покажуваме добра волја, сакаме да направиме нешто за граѓаните поради што и донесовме две мерки – ограничување на маржите и објавување на цените. Од она што го видов, се шокирав, но ние сме виновни како Влада. Ќе направиме софтвер и законски измени да мора да го користат софтверот. Сакаме да направиме и апликација за паметните телефони за граѓаните да лоцираат маркети и да направат споредба на цените. Ќе треба време, но ќе направиме се, па да виидме дали така ќе ни плукаат во лице. Има ланец што објавил над 17 000 артикли и ја закачил листата од 100 страни. Со тоа се вулгаризира мерката, но ако така сакаат, така ќе играме. Некои поединци мислат дека се над ова и ни плукаат во лице. Јавното објавување цени е мој прироитет, ќе направиме софтвер и бесплатен локатор за споредба на артиклите, истакна Мицкоски.