Филмот „Сите го викаат Реџо“ од кумановскиот режисер и косценарист, Ибер Деари ја освои престижната награда „Franco Cassano“ за најдобар филм во селекцијата Meridiana на овогодишниот Bif&st Bari International Film&TV Festival 2025“ во Италија, информираше денеска режисерот. Филмот е финансиран од Агенцијата за филм, продуциран од Сашо Павловски.
Жирито, предводено од познатиот франко-марокански писател Тахар Бен Џелун, ја образложи одлуката со зборовите: „Поради интелигентниот ритам на монтажа, строгоста во режијата и суптилниот, ироничен пристап во сценариото.“
Сценаристи на филмот се Ибер Деари и Артин Селмани, продуцент е Сашо Павловски, а музиката е на Дарко Спасовски. Актерските улоги ги толкуваат: Африм Мучај, Адријана Матоши, Береда Решит, Ледион Мулаку, Адем Карага, Бујар Ахмети и други.
– Пресреќен сум за наградата. Мотив да продолжам да работам, неверојатно е чувството да се добие ваква реномирана награда. Презадоволен сум и од успехот кој го постигна филмот помеѓу публиката. За премиерата имаше пет отворени сали. Ќе се прикаже во Копенхаген, Брисел, други градови од Европа, изјави Дехари.
Кумановецот дипломирал за режија на Универзитет за аудиовизуелни уметности – ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк, каде што во 2016-та магистрирал. Тој работи како асистент режисер во Националната установа -Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во албанска драма и режисер е на детски претстави на албански во Куманово и Скопје. Освен филмот „Сите го викаат Реџо“, Дехари ги режира и краткометражните филмови „Farmers Blues“, „A Long Way Home“, „My City Screams“ и „Toka“.
Кумановецот досега ги добил наградите за уметник на годината „Милигоната е Арт“ (2016), за најдобар краткометражен филм во Охрид и на Киненова Скопје за филмовите „Фармеср Блуес“, и за најдобри краткометражни филмови „Farmers Blues“ на, Beach Film Fest, Охрид и „A Long Way Home“, Киненова Скопје, како и за најдобар филм и најдобра режија – „My City „Nine Eleven Festival“, Приштина и за зајдобар филм „Toka“ на Тетово Филм Фест и на International New York Film Festival.