Тројца тиквешани трчајќи го искачија врвот „Орле“, информираа попладнево од тимот на тројцата маратонци што трчаат на маратони во земјава и странство, Александар Петров, Сашко Вучков и Ѓоке Белевски.
– Тројцата се членови на атлетскиот клуб „Меридијан атлетик“ од Кавадарци. Го искачија врвот што е нешто над 1.500 метри надморска височина и вообичаено го искачуваат планинари, одејќи, со планинарење. Вкупната висинска разлика што се истрча, беше нешто над 900 метри. Должината во еден правец е 5.6 километри, значи вкупно 11.2 километри планинско трчање со над 900 метри висинско искачување. Патеката беше истрчана за два часа и 15 минути, појаснија од тимот на маратонците.
Притоа истакнаа дека од вкупната должина, првите четири километри биле во дел со шума, а последниот километар бил чисто вертикално искачување по карпест предел.
– Тоа е не само предизвик за искачување, туку уште понезгодно за спуштање надоле. После симнувањето, седнавме на една полјанка во селото Шешково каде имаше и други посетители, заедно правевме скара, рече Александар Петров.