Комичарот и глумец Расел Бренд е ослободен со кауција на краткото рочиште во Судот на Вестминстер. Откако минатиот месец беше обвинет за пет казнени дела од сексуална природа, денеска на британскиот актер му беше дозволено да остане на слобода до следното рочиште, закажано за 30 мај во лондонскиот Висок кривичен суд.
Обвиненијата против него беа прочитани, но Бренд (49) го искористи правото на молчење. Тој проговори само за да го потврди своето име и датумот на раѓање. Притоа, глумецот е обвинет за сексуален напад, силување, присилен орален секс, непристојно допирање… Обвинението за силување се однесува на наводен случај од 1999 година, а принудниот орален секс наводно се случил во јули 2004 година.
Бренд се појави во Судот во црна кошула и фармерки, со лицето делумно прекриено со очила за Сонце. Рочиштето заврши по вкупно 12 минути.
Глумецот, кој има три деца со својата сопруга Лора, веќе ги отфрли наводите за вклученост во „неконсензуални врски“. Во неодамнешно видео објавено на „Икс“, тој рече:
– Никогаш не сум бил силувач. Никогаш не сум бил вклучен во нешто што не е добиено со согласност… Со нетрпение ја очекувам можноста да ја бранам својата невиност на суд.
Комичарот, кој важи за британска ѕвезда, во своите видеа се заблагодарува за можноста да се брани од сите тие обвинувања на Суд.