Тридневното примирје во конфликтот меѓу Русија и Украина, воведено на иницијатива на рускиот претседател Владимир Путин, се покажа како фарса, изјави денеска украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, додавајќи дека според податоци на војската, руските сили продолжуваат со нападите по целата фронтова линија.
„Од полноќ до пладне, Русија изврши 734 прекршувања на примирјето и 63 напади, од кои 23 се уште се во тек; 586 напади врз позициите на нашите војници, од кои во 464 е користено тешко вооружување, 176 напади со беспилотни летала и 10 воздушни напади со 16 водени воздушни бомби“, напиша Сибиха на својот профил на мрежата Икс.
Тој изјави дека украинската армија реагира на сите напади и споделува релевантни информации за руското кршење на примирјето со Соединетите Американски Држави, ЕУ и другите европски партнери.
„Нема да дозволиме Путин да измами кого било кога не си стои на својот збор“, рече Сибиха.
Тој додаде дека Украина останува подготвена за најмалку 30-дневно целосно примирје, како и за „градење доверба“.
Претходно, московските власти објавија дека украинските сили започнале напади со беспилотни летала врз неколку региони и покрај прогласувањето на прекин на огнот. Иако предлогот за прекин на огнот беше презентиран кон крајот на април, украинскиот претседател Володимир Зеленски „јавно го отфрли на 3 мај“.
Руските вооружени сили предупредија дека ќе го задржат правото да одговорат доколку Украина го прекрши договорот.