Британската лабуристичка Влада денеска ќе претстави патоказ со „радикални мерки“ за намалување на имиграцијата, во време кога крајната десница бележи раст во анкетите и зазема сè поцврсти позиции во земјата.
Премиерот Кир Стармер во текот на претпладнево ќе се обрати на прес-конференција, малку пред министерката за внатрешни работи Ивет Купер да го претстави патоказот во Парламентот.
„Ќе ги заостриме сите аспекти на имиграцискиот систем, вклучувајќи ги работните визи, визите за семејно обединување и студентските визи, за да можеме подобро да ја контролираме имиграцијата. Правната регулатива ќе биде построга од кога било досега, а бројот на имигранти ќе се намали“, се очекува Стармер да каже, според извадоци од неговиот говор објавени од Даунинг стрит..
За да се гарантира дека странците кои сакаат да се населат во Обединетото Кралство „заслужуваат“ да останат, ќе се заострат условите за добивање постојан престој. Од сега, ќе биде потребен престој од десет години, наместо сегашните пет.
Целта е да се намали бројот на нискоквалификувани работници, што ќе резултира со намалување на годишниот прилив на нископлатени работници за 50.000, изјави министерката Купер.
– Нашиот систем со години ги охрабруваше компаниите да увезуваат нископлатени работници наместо да инвестираат во младите. Ова мора да се промени, рече Стармер, нагласувајќи дека сака „јасно раскинување со минатото“.