Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека поранешниот висок функционер на СДСМ, Бранимир Јовановиќ, во свое неодамнешно интервју отворено признал оти претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ оставила огромен долг за кој актуелната власт сè уште плаќа камати.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски посочи дека Јовановиќ во своето интервју направил директна финансиска споредба за состојбата во Министерството за финансии. Според цитатот што го издвои премиерот, кога Јовановиќ и тогашниот министер Драган Тевдовски дошле во институцијата во 2017 година, каматите на долгот изнесувале 120 милиони евра, додека во 2026 година каматите кои ги плаќа актуелната влада достигнале 350 милиони евра.
Мицкоски оцени дека ова претставува јавно признание за трикратното зголемување на долгот и обврските кои сега паѓаат на товар на новата Влада, бидејќи тие сега ги враќаат заемите од минатото.
Премиерот упати и остри критики за целокупната економска политика на претходната власт, нарекувајќи ја „марихуана-економија“. Тој потсети на нивните фискални егзибиции со прогресивниот данок со кои, како што рече, буквално ја уништиле македонската економија, но и на солидарниот данок за кој посочи дека претставувал грабеж на стопанството и кој актуелната Влада сега го враќа назад кај стопанствениците.







