Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изрази оптимизам за постигнување нуклеарен договор со Иран, додека ја продолжуваше својата турнеја на Блискиот Исток, јави ДПА.
-Мислам дека се приближуваме до можно постигнување договор, рече Трамп за време на посетата на Катар.
„Водиме многу сериозни преговори со Иран за долгорочен мир и ако го направиме тоа, ќе биде фантастично“, рече тој.
Иран прифати одредени услови, односно дека нема да произведува „нуклеарна прашина“, рече 78-годишникот, без да даде детали, пренесе германската агенција.
Трамп, истовремено, повторно се закани дека ќе употреби голема воена сила против оваа земја доколку двете страни не постигнат договор на „добар“ начин.
Вашингтон и Техеран моментално преговараат за иранската нуклеарна програма под посредништво на заливската држава Оман.
САД бараат од Иран да постигнат договор за ограничување на нејзината нуклеарна програма со цел да се спречи земјата да се стекне со нуклеарно оружје.
За возврат, Техеран се надева на ублажување на санкциите кои ја попречија неговата економија.
Трамп рече дека постојат два начина да се постигне решение на спорот: со „многу, многу убав чекор“ или „со насилен чекор“, велејќи дека тоа би било „насилство какво што луѓето не виделе досега… и не сакам да го направам тој чекор“, пренесе ДПА.
Во присуство на катарскиот емир Трамп рече дека Техеран треба да му се заблагодари токму на владарот Ал-Тани. „Иран има голема среќа што го има емирот бидејќи тој всушност се бори за нив“, додаде тој.