Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, му нареди на преговарачкиот тим да остане во Доха уште најмалку еден ден, и покрај застојот во преговорите за заложниците, пренесоа локалните медиуми.
– Остануваме за да избегнеме да ги навредиме САД. Не би било добро Израел да ја напушти Доха пред Хамас, рече еден израелски функционер, пренесе Тајмс оф Израел.
Телевизијата Канал 13 цитираше неименуван функционер кој рекол дека Нетанјаху ја донел таа одлука за да покаже дека Израел „не е пречка во преговорите“.
Во Доха пред три дена почна нова рунда индиректни преговори меѓу Израел и Хамас, додека во исто време Израел почна масовна копнена офанзива „Кочиите на Гидеон“ во Појасот Газа.
Функционер на Хамас вчера изјави дека досега не е постигнат никаков напредок во преговорите.
– Досега не е постигнат никаков пробив или напредок во тековните преговори во Доха поради континуираната израелска непопустливост, изјави извор од Хамас за Би-Би-Си.