Во рамки на Европската пролетна недела на ХИВ – тестирање, „Хера“ – Асоцијацијата за здравствена едукација, ги повикува сите граѓани на бесплатно и доверливо тестирање за ХИВ и сексуално преносливи инфекции (СПИ) од 27 до 30 мај, секој ден од 15 до 18 часот во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно.
– Денес ХИВ е контролирана здравствена состојба со достапната и ефективна терапија, важна е само навремената дијагноза. Доцната дијагноза е тивок ризик, нешто што може да се избегне со само еден мал чекор. Раното тестирање значи навремена и ефективна терапија, квалитетен и долг живот, нула ризик за пренос на ХИВ – кога луѓето со ХИВ се на терапија и вирусот е недетектибилен, тогаш ХИВ не се пренесува преку сексуален пат, нагласуваат од „Хера“.
Дополнително, граѓаните може да се тестираат и за сифилис, гонореја и кламидија, со резултати готови за најмногу 30 минути. Тестирањето е анонимно, бесплатно и доверливо и се спроведува од обучени медицински лица и советувачи.
Од „Хера“ појаснуваат дека граѓаните може да закажат термин со јавување во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно на телефонскиот број 02/3176 – 950, преку онлајн закажување преглед тука или со посета на Младински центар „Сакам да знам“ на Водно на улицата „Елисие Поповски – Марко“ број 2, каде, нагласуваат – нема стигма, туку само грижа.
– Тестирањето се одвива во пријателска и безбедна средина, каде освен здравствени услуги, граѓаните може да добијат и индивидуално советување за сексуално и репродуктивно здравје, истакнуваат од „Хера“.
Првиот чекор кон грижата за сопственото здравје започнува со информираност и навремено тестирање, па затоа, повикуваат граѓаните да се тестираат.
– Услугите се реализираат преку Програмата за заштита на населението од ХИВ – инфекцијата, поддржана од Министерството за здравство. Европската недела на ХИВ – тестирање е европска иницијатива со цел зголемување на пристапот до тестирање за ХИВ и СПИ и подигнување на свеста за важноста на раната дијагноза, особено кај лицата кои се изложени на зголемен ризик, појаснуваат од Асоцијацијата за здравствена едукација.