Советот на Социјалистичката интернационала на вчерашниот состанок во Истанбул, побара ослободување на градоначалникот Екрем Имамоглу.
Претставници на Социјалистичката партија од различни земји истакнаа транспарент на кој пишуваше „Ослободете го Имамоглу“.
– Сите во оваа просторија жртвуваа многу за да ја одбранат демократијата. Минуваме низ тешки времиња, многу од нашите пријатели се во затвор. Ние стоиме со нашите другари во Белорусија, Нигер, Венецуела и Турција, изјави претседателот на Социјалистичката интернационала, шпанскиот премиер Педро Санчез.
Потпретседател на Социјалистичката интернационала е турскиот лидер на опозициската Републиканската народна партија (ЦХП), Озгур Озел.
Приведувањето на Имамоглу на 19 март под обвинение за корупција и поддршка на терористичка организација предизвика масовни протести ширум Турција, најголеми во изминатите 10 години. Имамоглу беше приведен откако Универзитетот во Истанбул објави дека ја поништува неговата диплома поради наводни неправилности. Поништувањето на дипломата се случи неколку дена пред опозициската ЦХП да го избере Имамоглу за свој кандидат на следните претседателски избори. Според турските закони кандидатите за претседател мора да имаат факултетска диплома. Имамоглу важи за еден од најголемите политички ривали на актуелниот турски претседател Реџеп Тајип Ердоган. Следните претседателски избори се планирани за 2028 година.
Ердоган, кој последен пат победи на изборите во 2023 година, нема законска можност повторно да се кандидира за претседател, освен во случај на предвремени избори и да добие поддршка од три петтини од Парламентот.