Поранешната министерка за правда и универзитетска професорка Рената Дескоска е примена во престижната Европска академија на науките и уметностите (European Academy of Sciences and Arts), како признание за нејзиниот придонес во областа на уставното право.
„Кога пред неколку месеци една колешка од Австрија ми предложи да ме номинира за член на Академијата, се прашував дали ќе го поминам процесот на прием, имајќи ги предвид нивните строги критериуми“, напиша Дескоска на социјалните мрежи.
Таа соопшти дека постапката за нејзин прием завршила успешно и дека нејзиното име сега стои покрај имињата на истакнати академици од целиот свет. „Среќна сум за добиеното меѓународно признание за академска извонредност во областа на уставното право“, изјави Дескоска.
Европската академија на науките и уметностите е независна, интердисциплинарна мрежа која ги обединува најистакнатите научници, уметници и интелектуалци во Европа. Меѓу нејзините членови се добитници на Нобелова награда, водечки академици, теолози и уметници. Академијата има седиште во Салцбург, Австрија, и брои над 2.000 членови од 73 земји.
Престижното членство се доделува врз основа на лични достигнувања и значаен придонес во развојот на науката и општеството.
Ј. Ѓ.