Апелациониот совет на Судот на Босна и Херцеговина ја потврди првостепената пресуда во случајот против претседателот на Република Српска Милорад Додик, објави Euronews BiH.
„Жалбите на страните беа одбиени и првостепената пресуда беше потврдена во целост“, изјави адвокатот на Милорад Додик, Горан Бубиќ.
Судот на Босна и Херцеговина објави дека советот на Апелациониот оддел на Судот на Босна и Херцеговина ја потврдил првостепената пресуда против претседателот на Република Српска Милорад Додик.
По јавните седници одржани на 12 јуни во БиХ, Апелациониот совет донесе пресуда со која ја отфрли жалбата на Обвинителството на Босна и Херцеговина и жалбата на одбраната на обвинетиот Милорад Додик, и ја потврди првостепената пресуда на Судот на Босна и Херцеговина од 26 февруари 2025 година.
Денес до странките беше испратена писмена копија од пресудата на советот на Апелациониот оддел, а против истата пресуда не е дозволена жалба, пишува Еуроњуз.
Судот потсетува дека со првостепената пресуда на Судот на Босна и Херцеговина, Додик е прогласен за виновен за сторено кривично дело неизвршување на одлуките на високиот претставник од член 203а став 1 од КЗ на БиХ, за што е осуден на 1 година затвор.
Врз основа на член 203а став 4 од КЗ на БиХ, во врска со член 73 од КЗ на БиХ, на обвинетиот Милорад Додик му е изречена мерка на безбедност со која му се забранува вршење на должноста претседател на Република Српска во траење од шест години, од денот на правосилност на пресудата, со одредба дека времето поминато на издржување на казната затвор не се смета во времетраењето на оваа мерка на безбедност.
Во своето прво обраќање до јавноста, Додик рече дека станува збор за чиста политичка одлука и волја и изјави дека Судот на Босна и Херцеговина е „политички суд“.