Службите за итни случаи и пожарникарите се борат со повеќе пожари низ Шпанија и Португалија, додека рекорден топлотен бран продолжува да го погодува регионот, објавија медиумите.
Пожарникарите работеа на гаснење на пожар во општината Трес Кантос, околу 23 километри северно од Мадрид, објави Би-Би-Си.
Се очекува екстремните температури, кои достигнаа 44 степени Целзиусови во Шпанија и Португалија, да траат барем до утре, предупредија официјални лица.
Во северна Шпанија, во регионот Кастиља и Леон, вчера беа евакуирани околу 800 луѓе од шест села поради неколку активни пожари во близина на Националниот парк Лас Медулас, кој е светско наследство на УНЕСКО.
Жителите на Конгоста се обидоа да ги одбранат своите домови со гаснење на пламенот со градинарски црева, додека две куќи веќе се уништени.
Во Португалија, околу 700 пожарникари се борат со пожар во областа Транкосо, околу 350 километри североисточно од Лисабон.
Досега оваа година, во Португалија изгореа околу 52.000 хектари шума, што е за 10.000 хектари повеќе од просекот за истиот период во изминатите 18 години, според Европскиот информативен систем за шумски пожари.
Пожарникарите работат и во регионите Навара на североисток и Уелва на југозапад од Шпанија.
Службениците велат дека високите температури и сувите ветрови го зголемиле ризикот од пожари, а некои од пожарите се поврзуваат со можно намерно палење, што властите го опишуваат како „еколошки тероризам“.