Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ остро реагира на најавените измени и дополнувања на Правилникот за урбанистичко планирање, кои, како што велат, отвораат врата за изградба на фотоволтаични фарми, мали хидроцентрали и депонии за опасен отпад преку урбанистички проект, а не со урбанистички план.
„Урбанистичкиот проект вон опфат како урбанистичко-планска категорија го сметаме за тежок упад во урбанистичкото планирање и за бришење на јавниот интерес со потпис од градоначалник и министер,“ стои во соопштението. „Предлог-измените не се во насока на корекција, туку на уште поголеми отстапки.“
Од иницијативата предупредуваат дека зад ваквиот концепт се крие „легализирана експлоатација на земјоделско, шумско и крајбрежно земјиште“.
„Урбанистички проект вон опфат на урбанистички план ова земјиште го претвора во градежно без да се помине целата процедура на урбанистички план што опфаќа вклучување на јавноста преку јавна анкета, партиципативно тело и Советот како претставничко тело на граѓаните. Урбанистички проект вон опфат поминува само со потпис од градоначалникот или министерот, зависно дали е од локално или државно значење. Со кое право?!“ прашуваат од Охрид SOS.
Тие посочуваат дека измените на член 58 став (3) од правилникот повторно ја враќаат точката 15, која до јули 2025 година била дел од текстот. „Она што фрапира е што точка 15 постоела во член 58 правилникот од неговото донесување во 2020 г. сè до 17.07.2025 г. кога била отстранета. Единствена разлика е што во претходната верзија беа опфатени и градбите од класите А и Б. Дали се работи за несмасно отстранета точка пред еден месец, па сега треба да се врати назад или за нешто друго?“ велат од иницијативата.
Тие додаваат дека доколку Министерството за транспорт навистина имало намера да ги елиминира штетните последици, тогаш морало „комплетно да ги преработи измените и целосно да ја елиминира опасноста, меѓу другото, фотоволтаични фарми, мали хидроцентрали, гасоводи, нафтоводи, депонии за неопасен и опасен отпад да може да се прават со урбанистички проект“.
Според нив, иако изгледа позитивно што градбите од А и Б класа се тргаат, тоа е само привидно. „Во точка 8 од истиот став се опфатени хотели и мотели, а во точка 5 гостилници и ресторани. Тоа значи дека овие објекти ќе можат да се градат со урбанистичка документација надвор од населени места без процедура на јавност по скратена постапка. Ако МТ навистина сака да ги исклучи комерцијалните објекти од скратени постапки, мора да ги тргне хотелите, гостилниците и рестораните.“
Особено спорна, според Охрид SOS, е можноста опасни и крупни зафати да се планираат без јавна расправа. „Ако е навистина разбирливо за нешто како селски стопански двор, инфраструктурни водови, планинарски домови, антени и мерни станици да се предвидуваат со урбанистички проекти, тогаш воопшто не е разбирливо како фотоволтаични фарми, мали хидроцентрали и депонии за опасен отпад се предвидуваат со урбанистички проект, а не со урбанистички план!“
Тие потсетуваат и на апсурдот со просторните планови: „Со урбанистички проект вон опфат на урбанистички план можат да се уредуваат планско-проектни услови само доколку е тоа дозволено со просторните планови. А ние немаме ни закон за просторно планирање, ни просторни планови, или пак тие се со многу стар датум, стари терминологии и тотално непрецизни. Не смее нивната недореченост да се користи за на мала врата да се предвидуваат мали хидроелектрани, фотоволтаични централи, ветерници и депонии по скратена постапка без учество на јавноста!“
Во соопштението се нагласува дека урбанистичкото планирање мора да се води од принципите на јавност, инклузивност и партиципативност. „Никаде не е цел: економски заштеди за инвеститорот во мали електрани, за сметка на деградација на животната средина,“ порачаа од Охрид SOS.
На крајот, иницијативата упати апел:
„Со измените на Правилникот за урбанистичко планирање, не само што точка 15 НЕ СМЕЕ да се врати, туку мора да се исфрлат и комерцијалните објекти како што се хотелите и рестораните и градбите за производство на енергија. Не смееме да молчиме додека тивко ни ги одземаат животот, здравјето, иднината. Ние нема. Ни ти не треба.“