ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result

Симеон Мони Дамевски: Само со зголемено вложување во филмот ќе можеме да ја продолжиме нагорната линија на развој и успеси на македонскиот филм

August 23, 2025 11:32
in ДЕНЕС, КУЛТУРА
Фото: МИА

Фото: МИА

„Браќа Манаки“ е фестивал со огромен потенцијал и постојат само неколку работи што би можеле да го спречат неговиот понатамошен растеж – немањето стабилна финансиска поддршка од државата, исклучително краткиот мандат на директорот и недостигот од поголеми хотелски капацитети во централното подрачје на Битола, вели во интервју за МИА истакнатиот македонски актер и продуцент со интернационална кариера Симеон Мони Дамевски кој два мандата беше директор на Меѓународниот фестивал на филмска камера.

-На првото издание на фестивалот откако го преземав јас, имавме само 130 гости. Тоа не е голема бројка, но малото присуство беше оправдано бидејќи во 2021 многумина не можеа да патуваат поради епидемијата. Во 2022 бројката гости  успеавме да ја кренеме на 250, а во наредните две години достигнавме и над 400 гости годишно (467 и 430). Од друга страна, финансиските средства кои ги добивме од државата не ја следеа таа крива. Пред три години имавме буџет од 12 милиони денари, во 2023 тој падна на 10.5 милиони, лани се качи минимално на 10.7 милиони, а годинава повторно падна, и тоа на 9.5 милиони денари. Кога на овие кратења ќе се додаде континуираното растење на цените на транспортот, хотелите и храната кај нас и во светот, станува очигледно дека сегашните средства не вредат ни 70 проценти од тоа што вределе пред три години. Оттука, доколку и во иднина се продолжи со кратење на државната поддршка, а тековното раководство не успее да ги задржи интересот и поддршката на спонзорите со квалитетот на годинешново издание, тоа би можело да се одрази негативно на иднината на фестивалот, вели Дамевски.

Според него, иако се чини како помал проблем, двегодишниот мандат на директорот, вели, може да има исто така многу слични негативни последици и посочува на искуството на конкурентскиот полски фестивал „Камеримаж“.

-Ова го зборувам од лично искуство, зашто ми требаа околу две години да сфатам како функционираат фестивалите од овој тип, кои елементи и активности се неопходни за да го кренеме „Манаки“ на сегашното ниво, и по пат да запознаам дел од поголемите играчи од таа индустрија чии финансии ќе ни помогнат да опстоиме и кога државата нема целосен слух за нашето значење и потреби. Нашите сегашни странски спонзори се свесни за овој проблем и не можат да го разберат нашето однесување. Тие инвестираат во нашата манифестација зашто им се допаѓа и им одговара правецот во кој се движиме, но можните промени на секои две години ја прават и иднината на нашиот фестивал и иднината на нивните инвестиции неизвесна. Верувам дека овие две нешта (а) нашата финансиска нестабилност, и (б) краткиот мандат на директорот, биле главните причини поради кои во минатото сме го изгубиле приматот што го сме го уживале како прв и најстар фестивал од овој тип во светот. Додека ние сме кубуреле со пари и сме менувале директори, кои потоа го менувале правецот на фестивалот, Полска вложувала и продолжува да вложува во развојот на нивниот фестивал, кој го водат истите двајца луѓе од неговите зачетоци до ден денес, па така не поминале и по големина и по популарност, посочува Дамевски.

Тој е задоволен од својата работа на фестивалот во изминатите четири години, за која доби и меѓународна сатисфакција – Наградата за специјално достигнување (Special Achievement Award), која на „Браќа Манаки“ му ја додели во февруари годинава Британското здружение на кинематографери (BSC), едно од настарите во светот.
Дамевски укажува дека благодарение на доброто финансиско работење и планирање на неговиот тим во изминатите  четири години, тие не само што не оставиле никакви неисплатени обврски зад себе, туку ги подмириле сите минати долгови на фестивалот кон Друштвото, и згора на тоа му оставиле заштеда од 70.000 Евра, две нови спонзорства во висина од 65.000 евра за оваа и наредната година, и уште седум други домашни и странски спонзорства во најава во висина од дополнителни 65.000 евра, кои на новото раководство на Фестивалот му овозможуваат да го задржи постигнатиот квалитет и годинава.

За одлуката од ДФРМ да не му биде доделен нов трет мандат да ги води „Браќа Манаки“ и покрај очигледниот растеж и нагорна траекторија во неговиот интернационален успех и значителните финансиски резерви оставени на сметката на Фестивалот, тој вели дека би било непристојно да разговара сега, спроти новото 46. издание на фестивалот. За таа тема како и за можните реформски засеци кои би му дале поголема предвидливост на фестивалот и би ги ослободиле неговите потенцијали за непречен раст остава да се дебатира во некоја следна прилика.

Во интервјуто за МИА тој говори и дека вложувањата во филмот целосно се оправдани бидејќи филмската уметност е во моментов нашиот најсилен културен репрезент во светот зашто нашите филмови со години и во се поголем број се појавуваат и ја претставуваат нашата култура и уметност на најсилните филмски фестивали.

1. За почеток може ли еден сублимат, оценка за постигнувањата на ИФФК Браќа Манаки во изминатите четири години под ваше водство. Дали успеавте да ги испоните своите амбициозни цели?

Речиси целосно, и тоа имајќи ги предвид најкрупните цели кои се зацртани во Статутот на фестивалот. Но, морам да ви признаам дека во моментот кога се нафатив за работата немав поим со што всушност се зафаќам и колкав е вистинскиот потенцијал на оваа манифестацијa. Првата година најважно ми беше да имаме фестивал, со сите негови основни обележја (да трае најмалку 6 дена, да имаме две звучни имиња за нашите најпрестижни награди, да имаме добри филмови во главната натпреварувачка програма, добар меѓународен жири, и солиден број на гости). Ова беше најважно зашто претходната година фестивалот не се одржа поради епидемијата. Бидејќи таа беше во полн ек и во 2021-та, кога јас го преземав кормилото, постоеше опасност истото да се случи повторно и тоа ќе беше погубно за нашата манифестацијата. Како и да е, јас сум човек што сака такви предизвици, па откако успеавме да го реализираме замисленото, наредната година пораснаа и моите амбиции. А тие беа да имаме уште подобар и поубав фестивал од претходниот, со уште поголем број звучни имиња, повеќе и позадоволни меѓународни и домашни гости, поквалитетни филмови, подобри мастер-класови и работилници, побројна публика, повеќе финансиски спонзори и медиумски партнери, итн.. Така, од година во година растеа и фестивалот и неговиот квалитет, а специјалната награда што по четирите години ни ја додели Британското друштво на кинематографери, едно од двете најстари и најпрестижни во светот, беше само потврда дека сме работеле добро и дека „Манаки“ после многу години е на пат да си го врати приматот што му беше одземен од конкурентскиот полски фестивал „Камеримаж“, кој има најмалку десет пати поголем буџет од нашиот.

 

2. Кои се најважните за вас моменти кои би ги издвоиле во однос на организациските и креативните предизвици во водењето на овој меѓународно етаблиран фестивал посветен на мајсторите на филмската камера?

„Браќа Манаки“ е фестивал со огромен потенцијал и постојат само неколку работи што би можеле да го спречат неговиот понатамошен растеж. Тие нешта се немањето стабилна финансиска поддршка од државата, исклучително краткиот мандат на директорот и недостигот од поголеми хотелски капацитети во централното подрачје на Битола. Во однос на потребата на финансиска стабилност на фестивалот како пример ќе го посочам само следното. На првото издание на фестивалот откако го преземав јас, имавме само 130 гости. Тоа не е голема бројка, но малото присуство беше оправдано бидејќи во 2021 многумина не можеа да патуваат поради епидемијата. Како и да е, во 2022 бројката гости успеавме да ја кренеме на 250, а во наредните две години достигнавме и над 400 гости годишно (467 и 430).

Од друга страна, финансиските средства кои ги добивме од државата не ја следеа таа крива. Пред 3 години имавме буџет од 12 милиони денари, во 2023 тој падна на 10.5 милиони, лани се качи минимално на 10.7 милиони, а годинава повторно падна, и тоа на 9.5 милиони денари. Кога на овие кратења ќе се додаде континуираното растење на цените на транспортот, хотелите и храната кај нас и во светот, станува очигледно дека сегашните средства не вредат ни 70% од тоа што вределе пред три години. Благодарение на доброто финансиско работење и планирање на мојот тим во изминатите години, тие кратења не би требало да се одразат на квалитетот на овогодинешното издание, зашто ние не само што не оставивме никакви неисплатени обврски зад себе, туку ги подмиривме сите минати долгови на фестивалот кон Друштвото, и згора на тоа на новото раководство му оставивме заштеда од 70.000 Евра, две нови спонзорства во висина од 65.000 Евра за оваа и наредната година, и уште седум други домашни и странски спонзорства во најава во висина од дополнителни 65.000 Евра за годинава. Како и да е, доколку во иднина се продолжи со кратење на државната поддршка, а тековното раководство не успее да ги задржи интересот и поддршката на спонзорите со квалитетот на годинешново издание, тоа би можело да се одрази негативно на иднината на фестивалот. Двегодишниот мандат на директорот може да има многу слични негативни последици, иако се чини како помал проблем. Ова го зборувам од лично искуство, зашто ми требаа околу две години да сфатам како функционираат фестивалите од овој тип, кои елементи и активности се неопходни за да го кренеме „Манаки“ на сегашното ниво, и по пат да запознаам дел од поголемите играчи од таа индустрија чии финансии ќе ни помогнат да опстоиме и кога државата нема целосен слух за нашето значење и потреби. Нашите сегашни странски спонзори се свесни за овој проблем и не можат да го разберат нашето однесување. Тие инвестираат во нашата манифестација зашто им се допаѓа и им одговара правецот во кој се движиме, но можните промени на секои две години ја прават и иднината на нашиот фестивал и иднината на нивните инвестиции неизвесна. Верувам дека овие две нешта (а) нашата финансиска нестабилност, и (б) краткиот мандат на директорот, биле дел од главните причини  поради кои во минатото сме го изгубиле приматот што сме го уживале како прв и најстар фестивал од овој тип во светот.

Додека ние сме кубуреле со пари и сме менувале директори, кои потоа го менувале правецот на фестивалот, Полска вложувала и продолжува да вложува во развојот на нивниот фестивал, кој го водат истите двајца луѓе од неговите зачетоци до ден денес, па така не поминале и по големина и по популарност.

Што се однесува до хотелските капацитети во Битола, иако според интересот на нашите гости по завршувањето на минатогодишното издание годинава би можеле да очекуваме многу повеќе посетители, таквиот квантитативен раст во моментов не е можен зашто Битола може да понуди максимум од 450 до 500 релативно квалитетни сместувања во тој период од годината. Но, тоа е сосема во ред, зашто тоа е бројката на гости што ја имавме и во изминатите две години и претставува сосема солидна посетеност. Она што е побитно во моментов е таа бројка да се задржи, зашто со тоа новото раководство ќе им покаже на странските спонзори дека „Манаки“ е стабилен без оглед на промената, и дека тие треба да продолжат да инвестираат во него.

3 Веќе имате изјавено дека кoнечно лани успеавте да го стабилизирате Фестивалот, сите долгови се отплатени, и дека прв пат на неговата сметка има сериозни финансиски резерви.

-За мене најдобар показател за тоа дали сум успеал во моите намери се бројките. Се друго можете да извртувате, ама бројките не. А ова се бројките од изминатите четири години на моето работење. За разлика од 2021, кога престижни специјални гости во Битола ни беа еден кинематографер номиниран за Оскар и една композиторка на филмска музика номинирана за БАФТА и Златен Глобус, во 2022 и 2023 нивниот број растеше со геометриска прогресија, за лани, кога на Широк Сокак ги откривме првите 18 ѕвезди од Патеката на славните на „Манаки“, да го достигнеме максимумот во таа смисла. Искажано во бројки, во 2024 во Битола ни дојдоа добитници или членови на семејствата на добитници на 7 американски Оскари, 12 БАФТИ (британски оскари), 6 Кански награди, 3 награди во Берлин, 1 награда во Венеција, 5 Европски оскари, 2 Азиски оскари, 1 награда во Санденс, 4 номинации за ЕМИ и една номинација за Златен глобус. Слично беше и во останатите категории. Имавме најголем број на странски гости (170) и на натпреварувачки филмски програми (6). Филмовите ги гледаа околу 7000 гледачи (или по 1000 дневно). Вкупниот број на мастер-класови и работилници се искачи на 10 и на нив присуствуваа околу 800 луѓе. Најголемо беше и присуството на автори чии филмови беа дел од нашите програми. Исто така имавме и најголемо присуство на странски медиуми. Во 2023, во Битола ни дојдоа претставници на дигиталниот медиум на Француското друштво на кинематографери и на најголемиот медиум од шпанското говорно подрачје Camera&Light Mag, а во 2024 ни се придружија и престижниот British Cinematographer (едно од двете најголеми светски списанија за оваа област) и Australian Cinematographer. Свои новинари ни испратија и престижниот Amerиcan Cinematographer“ (другото најголемо професионално списание за оваа област), британскиот Cinegirl и интернет списанието на руски јазик Media Vision. Сите споменати медиуми редовно известуваа за нашиот фестивал и ни овозможија пристап до огромен број нивни следбеници. Кога на тоа ќе се додаде фактот дека поради ваквата експанзија во изминатите 4 години од првичниот 1 странски финансиски спонзор од индустријата за производство на филмска опрема кој што го имавме во 2021 г., до 2024 г. таа бројка порасна на 7, и дека паралелно со нив растеше и бројот на домашните спонзори чија поддршка не заостануваше зад странските, мислам дека одговорот на вашето прашање е многу јасен.

4. Како ги доживуваш состојбите во Агенцијата за филм и дали филмот заслужува да се вложи во него?

По застој од една година се чини дека работите во Агенцијата конечно се размрдаа. Новиот директор, кој е човек од филмската фела, покажува многу поголемо разбирање. Наспроти најавата дека дури догодина се очекуваат повеќе пари за филм, во моментов се работат или се веќе сработени три нови играни филмови. А тоа во овој момент е многу важно, зашто ни влева надеж дека наспроти сите финансиски потешкотии во земјава и Агенцијата, на оваа Влада и е исто така важно македонскиот филм да продолжи да се движи по нагорната линија што ја има веќе неколку години. За неупатените, филмската уметност е во моментов нашиот најсилен културен репрезент во светот. Се разбира, ние имаме неверојатни уметници кои се наши извонредни културни амбасадори во светот и во другите уметности, особено во музиката и сликарството, но филмот е уметност која има многу поширок глобален импакт, а нашите филмови со години и во се поголем број се појавуваат и ја претставуваат нашата култура и уметност на најсилните филмски фестивали во светот (Оскарите, Берлин, Венеција, Карлови Вари и Санденс). Тоа е вистински феномен за една мала земја која последниве години не издвојува многу пари за филмската уметност, па оттука тоа што го презема новото раководство на Агенцијата за филм во овој кус временски период на нивното работење, е многу важно за нас, зашто само со раздвижување на работите и со зголемено вложување во филмот ќе можеме да го избегнеме можниот колапс што ни се закануваше до неодамна, и да ја продолжиме нагорната линија на развој и успеси на македонскиот филм.


5. Немирниот и нескротлив дух каде Ве однесе, кои се вашите актуелни предизвици – дали да очекуваме наскоро да Ве видиме во некој филм, на големото платно, во некоја претстава, или можеби како продуцент или кастинг директор?

Сите споменати опции се можни. Всушност, некои се и извесни. Што се однесува до кастингот, тој никогаш не бил мојата главна љубов. Во таа работа влегов случајно. Одредени луѓе кои ме познаваа имаа доверба во моето познавање на актерите и актерството, а мене тоа ми овозможуваше приходи додека си го пробивав патот како актер во САД. Но, сега кога сум конечно без обврски поврзани со фестивалот и се враќам на мојата прва љубов – актерството. Имено, од минатата година имам менаџерка во Австралија која и тогаш ме праќаше на аудиции за англиското говорно подрачје, но поради „Манаки“ не можев да одговорам на дел од нив. Како и да е, сега сум повторно „сингл“ и очекувам по летните одмори работите значително да се размрдаат. Независно од неа, пред околу три месеци имав ангажман како актер и на серија рекламни спотови за американскиот пазар. Бидејќи навистина уживав во соработката со младите професионалци од маркетинг компанијата која ме ангажираше за таа цел, кога минатата недела ме побараа повторно да сработивме нова серија реклами, со задоволство прифатив. Како и да е, се чини дека ни кастингот сеуште не е спремен да се откаже целосно од мене, па може да се случи вгодина повторно да се зафатам со таа работа. Конечно, во моментов работам и како продуцент, на развој и подготовка на еден многу интересен краткометражен игран филм, со едно наше многу надарено момче. И тоа е тоа, за сега.

6. Имате ли понуда да заиграте и во третата сезона на серијалот „Бистра вода“, каде остваривте исклучителна улога донесувајќи го главниот лик?

Многумина се уште ми го поставуваат истото прашање, и би сакал да можам да ви одговорам позитивно зашто уживав во снимањето на серијата и во соработката со Јани Бојаџи и колегите. Но, таа работа е неизвесна. Знам дека Јани сам ја финансираше првата сезона, со помош од ТВ Алфа, па не знам дали тој или кој било друг би можел повторно да си дозволи таков „луксуз“. Финансирањето серии е сериозен потфат и бара сериозни средства. Како и да е, доколку Агенцијата за филм ги обнови своите годишни програми за финансирање на ТВ серии, како што беше случајот пред 2016 година, можеби ќе имаме шанса повторно да се израдуваме сите – и ние кои што учествувавме во нејзиното создавање и нејзините љубители кои редовно не прашуваат дали и кога ќе може повторно да не гледаат.

7. Вештачката интелигенција влегува во секоја пора од човековото живеење, како ја перцепираш визави филмот, и уметноста воопшто и колку лично ги користиш нејзините алатки?

Можам да го видам потенцијалот кој што го носи со себе оваа технологија, но сеуште не сум нејзин приврзаник. Имам чувство дека колку што ја олеснува работата во одредени сегменти на филмската креација, толку може да биде и нејзин џелат. При тоа, иако тоа што го добивате изгледа прекрасно на прв поглед, но производот е сепак само преџвакан залак од веќе постоечки човечки креации. Како и да е, тоа што е за мене најпроблематично во целата работа е дека ако работите продолжат да се развиваат во тој правец, тоа може да биде погубно за многу креативни дејности и за опстанокот на многу луѓе од филмската фела. А јас на такво нешто ниту сакам да му се радувам, ниту можам да поддржам.

8. Својата духовност ја пронајде во Сциентологијата. Што е тоа што се уште те фасцинира, те мотивира да се даваш безрезервно во тоа што го работиш, со оглед дека си деклариран воркохолик?

Ништо од тоа што го сум го сработил и го работам во моментов, не би можел да го постигнам без Скиентологијата. Курсевите што ги изучувам и вежбите што ги правам кога имам време за тоа, ми овозможуваат да се справувам многу полесно со сите предизвици што ги носи животот – да се растеретам од траумите, загубите и товарите од минатото, да бидам спокоен кога другите околу мене се вознемируваат, да се смирам бргу доколку јас се вознемирам, да уживам во надминувањето на пречките и проблемите со кои се соочувам, да комуницирам подобро и да создавам поубави односи со луѓето кои би сакал да се дел од мојот живот, да бидам почесен и посреќен, и да верувам дека секогаш е возможна подобра иднина.

Виолета ГЕРОВ / МИА

Фото: МИА/Архива на Мони Дамевски

Tags: Мони Дамевски
Next Post

(ВИДЕО) Мицкоски најави реконструкција на Владата и промени во партијата по локалните избори

НАЈНОВО

Фото: Скриншот

(ВИДЕО) Ден на националното знаме на Украина, Зеленски: Ние нема да му ја дадеме нашата земја на окупаторот!

August 23, 2025

Ден на Државното Знаме на Украина и Ден на Независноста на Украина: За Украинците, слободата и достоинството секогаш биле основни вредности

August 23, 2025

СРПСКИ (БУРАЗЕРСКИ) СВЕТ: Ќе добие ли ВМРО-ДПМНЕ своја банка?

August 23, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Бранко Тричковски (фото: Чедо Поповски)

    Да ги освестиме придобивките од ЕУ за да знаеме зошто сме против!

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Албанија, со 99,3 проценти производство на обновлива енергија, e европски шампион

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Заветната пропаганда

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • СРПСКИ (БУРАЗЕРСКИ) СВЕТ: Ќе добие ли ВМРО-ДПМНЕ своја банка?

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Во Град Скопје јавна дискусија за генералните урбанистички планови за општините Чаир и Бутел

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk