Австралиските власти денеска објавија дека ќе го протераат иранскиот амбасадор во Канбера, обвинувајќи го Техеран за извршување на два антисемитски напади во Сиднеј и Мелбурн.
Британските медиуми пренесуваат дека од почетокот на израелската војна во Појасот Газа, во октомври 2023 година, австралиските училишта, синагоги и возила беа цел на антисемитски вандализам и палење.
Во најновиот инцидент во јули, полицијата обвини неименуван маж за палење синагога во Мелбурн додека верниците биле во неа.
„Ова беа вонредни и опасни акти на агресија организирани од странска нација на австралиска почва. Ова беа обиди за поткопување на социјалната кохезија и сеење раздор во нашата заедница“, рече австралискиот премиер Ентони Албанезе.
Австралија ја прекина работата на својата Амбасада во Техеран, а австралиските дипломати се „безбедни во трета земја“, рече Албанезе, додавајќи дека неговата влада ќе го означи Корпусот на исламската револуционерна гарда на Техеран како терористичка организација.