Астероидот Бену, од кој НАСА преку мисијата OSIRIS-REx во 2020 година донесе примероци на Земјата, содржи мешавина од прав создаден во нашиот Сончев систем, органска материја од меѓуѕвезден простор и ѕвезден прав постар од самиот Сончев систем. Неговата уникатна и разновидна содржина била драматично трансформирана со текот на времето – преку интеракции со вода и изложеност на суровата вселенска средина.
Овие сознанија произлегуваат од три новообјавени научни трудови, во кои учествувале научници од НАСА и други институции.
Според анализите, Бену е составен од фрагменти од многу поголем „родителски“ астероид, уништен по судир во астероидниот појас меѓу орбитите на Марс и Јупитер. Еден од трудовите, објавен во списанието Nature Astronomy, под водство на Џесика Барнс од Универзитетот во Аризона и Ен Нгујен од Центарот Џонсон на НАСА, сугерира дека овој првичен астероид бил изграден од материјали со најразновидно потекло – блиску до Сонцето, далеку од Сонцето, па дури и надвор од нашиот Сончев систем.
„Ги следевме корените на овие материјали што ги акумулирал претходникот на Бену,“ вели Нгујен. „Откривме зрнца ѕвезден прав со состав постар од Сончевиот систем, органска материја која најверојатно се формирала во меѓуѕвезден простор и минерали со висока температура што се создале поблиску до Сонцето. Сите овие состојки биле транспортирани на огромни растојанија до регионот каде што се формирал ‘родителот’ на Бену.“
Друг труд, објавен во Nature Geoscience, под водство на Том Зега од Универзитетот во Аризона и Тим Мекој од Смитсонијан, покажува дека материјалите на астероидот претрпеле големи трансформации поради реакции со вода. „Родителскиот астероид акумулирал мраз и прав. Со текот на времето, мразот се стопил, а течноста реагирала со правот, па денес гледаме примерок што е 80% составен од минерали кои содржат вода,“ објаснува Зега.
Третиот труд, исто така објавен во Nature Geoscience, идентификувал микроскопски кратери и траги од стопена карпа на површината на примероците – докази за постојано бомбардирање од микрометеорити. „Површинското ‘стареење’ на Бену се случува многу побрзо отколку што претходно се мислеше, а механизмот со стопена карпа очигледно доминира,“ вели Линдзи Келер од Центарот Џонсон. „Со овие примероци можеме да разбереме како вселенското ‘временување’ влијае на астероидите и да го примениме тоа знаење и на тела што сè уште не сме ги посетиле.“
Истражувачите нагласуваат дека ваквите примероци се од суштинско значење за да се разбере историјата на Сончевиот систем, бидејќи многу типови астероиди изгорат во атмосферата и никогаш не стигнуваат до Земјата. „Примероците се навистина клучни,“ додава Барнс. „Овие одговори можевме да ги добиеме само затоа што ги имаме примероците. Возбудливо е што конечно гледаме нешта за кои со години сонувавме.“
Следните примероци што НАСА очекува да донесат нови сознанија се месечевите карпи што ќе ги вратат астронаутите од мисијата Artemis III.
Редакција Фронтлајн