Премиерот на Катар, шеик Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани, синоќа изјави дека напорите за медијација се дел од идентитетот на Катар и дека ништо нема да го обесхрабри во таа негова улога, неколку часа откако Израел ги нападна лидерите на Хамас во Доха.
Доха, заедно со Каиро и Вашингтон, е клучен посредник меѓу Израел и Хамас за време на војната во Газа.
-Катар нема да престане да се обидува и ќе направи сè што може за да ја запре војната во Газа, но не мислам дека во моментов преговорите ќе вродат со плод, по тоа што го видовме во денешниот напад, рече ал-Тани на прес-конференцијата.
Тој го обвини Израел за саботирање, како што вели, на можноста за постигнување мир, остро критикувајќи го израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, за кого рече дека извршил „државен тероризам“.
Нетанјаху рече дека нападот бил „целосно оправдан“ и дека наредбата за него била дадена по нападот во Ерусалим и загубата на четворица израелски војници во Газа.
Ал-Тани рече дека американските претставници го предупредиле Катар за нападот 10 минути откако започнал и го опишал нападот како „стопроцентно предавство“.
„Катар го задржува правото да одговори на овој дрзок напад и ќе ги преземе сите потребни мерки за да одговори“, додаде тој, велејќи дека е составен правен тим за да се справи со одговорот на земјата на нападот.