Пилотите на германската авиокомпанија „Луфтханза“ денеска гласаа за штрајк, што се очекува да предизвика големи нарушувања за патниците.
Според официјалните податоци, во анкетата учестувале 90 проценти од пилотите на „Луфтханза“ и 95 проценти од пилотите на товарниот превоз на оваа авиокомпанија, а меѓу нив 88 проценти од пилотите во комерцијалниот дел и и 96 проценти од карго превозот гласале за отпочнување штрајк.
Конкретен датум за почеток на штрајкот сè уште не е објавен.
Главната причина за спорот се пензиите за околу 4.800 пилоти. Синдикатот бара повисоки придонеси од работодавачите во пензискиот систем на компанијата, бидејќи од реформата во 2017 година, нивното ниво се намалило поради ниските каматни стапки.
„Луфтханза“ ги отфрла овие барања како неодржливи и наведува дека во моментов нема доволно средства за зголемување на придонесите, пренесува „Тагешау“.
Патниците треба да се подготват за значителни ограничувања за време на претстојниот штрајк. „Луфтханза“ беше принудена да ги откаже речиси сите свои летови за време на претходните големи протести.
Протестот доаѓа во време кога авиокомпанијата поминува низ програма за реструктуирање.
Вчера беше објавено дека компанијата до 2030 година ќе укине околу 4.000 административни работни места, додека оперативниот сектор ќе остане во голема мера непроменет. Овие мерки дополнително ги комплицираат преговорите и создаваат тензии меѓу вработените.