Со доделувањето на наградите за најдобрите, доцна синоќа, заврши 24. издание на фестивалот „Албански театар во Македонија“, кој традиционално се одржува во Дебар.
За најдобра претстава стручното жири ја прогласи „Цилиндар“ од Едуардо де Филипо, во режија на Афердита Нухији од Театарот од Гостивар. Режисерката Нухији за истата претстава ја доби наградата за најдобра режија.
Наградата за најдобра актерка отиде во рацете на Линда Шабани која настапи во претставата „Пациентот на др. Фројд” од Миро Гавран, во режија на Гент Чајани а во изведба на Тетовскиот театар. За најдобар актер беше прогласен Мумин Абдулахи во претставата „Вистината“ од Флориан Зелер, во режија на Бесфорт Идризи а во изведба на Албански театар за деца и млади – Скопје.
Беше доделена и специјална награда од Бордот на Фестивалот за уметничка кариера која и припадна на Валдета Исмаили од Скопје.
На последната фестивалска вечер настапи Националниот театар на Косово со претставата „АРТ“, по што многубројната публика уживаше во концертот „Валцери и полки од Штраус“ во изведба на квартетот предводен од Пламенка Трајковска.
-Задоволството е големо што успешно го реализиравме и ова издание на фестивалот. Голема благодарност до сите кои го помогнаа неговото одржување, до учесниците и секако до дебарската публика, која, сите осум фестивалски вечери ја имаше во преполната сала во Центарот за култура. Останува да го оствариме нашиот долгогодишен сон, оваа значајна манифестација да биде иституцонализирана. Се надевам дека тоа ќе се реализира до следниот јубилеен 25. Фестивалот, рече за МИА, Илбер
Нуредини, директор на фестивалот, не криејќи го задоволството од масовната посетеност.
Одржувањето на фестивалот финансиски беше поддржано од македонското министерство за култура, кое годинава додели 1,5 милиони денари, што е двојно поголем износ од минатата година, Општина Дебар, со 350 илјади, како и дебарски компании.