Нема достоинствена работа без достоинствени плати кои ќе ги задоволат реалните егзистенцијални потреби на работниците и нивните семејства, порачува Сојузот на синдикати на Македонија по повод 7 Октомври – Светскиот ден на достоинствената работа.
Од ССМ укажуваат дека платите во државата значително заостануваат зад реалните животни трошоци, дека според нив, истите создаваат сиромаштија, поттикнуваат масовна миграција и дека затоа нивното зголемувањето е неопходно и итно.
– Работниците во Македонија се соочуваат со ниски плати, со несигурни работни места и се соочуваат со ограничено учество во процесите на одлучување.
Затоа ССМ бара социјален договор и дијалог кој ќе обезбеди фер можности и социјална сигурност, почитување и заштита на работничките права, институции што работат во интерес на работниците и граѓаните и институции кои нема да бидат под влијание на корупција и дневните политики, велат од ССМ.
Според ССМ, рестриктивните мерки, штедењето, стагнација на платите, пензиите и другите приходи на работниците и граѓаните во услови на инфлација и пораст на цените на основните животни продукти ја поттикнуваат сиромаштијата и ја намалуваат куповната моќ.
– Нема достоинствена работа без реални, одржливи и сигурни работни места, со договори за работа на неопределено време. Не се согласуваме со привремените и повремените работни ангажмани со минимална заработувачка, без платени придонеси и без никаква социјална заштита и сигурност со што се залагаме за мерки и активности за сузбивање на сивата економија и непријавената работа, нагласува ССМ.
Оттаму посочуваат дека достоинствена работа за сите може да се постигне доколку заедно социјалните партнери, синдикатите, работодавачите, Владата, невладиниот сектор, експертската и стручна јавност се обединат и ефикасно ги реализираат заеднички креираните активности во насока на развој на економските и општествените односи, но и со целосно почитување на работничките и граѓанските права.