Почина Владимир Блажев – Панчо, членот на дуото ДНК кој беше сериозно повреден ноќта на 16 март во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Дел од медиумите објавија дека Панчо починал утрово во 10 часот, по долго лекување во „Систина“.
Од „Систина“ изразија сочувствуваме до семејството на Панчо, неговите најблиски и до целата македонска јавност.
– Длабоко сочувствуваме со семејството на Панчо, неговите најблиски, како и со целата македонска јавност, бидејќи загубата е огромна за сите нас. Почитувајќи ја приватноста на секој наш пациент и согласно Законот за заштита на правата на пациентите, не споделуваме информации за пациентите, информираат од „Систина“ за МИА.
Смртта на Панчо ја потврдија и од Јавното обвинителство и информираа дека ќе издадат наредба за обдукција, за лицето за кое постапката беше времено прекината токму заради здравствената состојба.
Панчо, како што пишуваат медиумите, извесно време бил во кома, а за неговата психичка состојба работел поширок тим составен од психолози и психијатри. Тој имаше тешки изгореници на лицето и на рацете.
Во пожарот во кочанската дива дискотека „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица и 200 беа повредени. Првично меѓу загинатите беа осум члена на групата ДНК. Загина вокалот Андреја Ѓорѓиески, музичарот Филип Стевковски, гитаристот Андреј Коларов, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, придружниот вокал Сара Пројковска, тонецот Игор Велков, бит-боксерот Мартин Атанасовски – Буцо и Александар Ефремов, фотограф на „ДНК“.