Мора да се обезбеди сите пациенти и преживеани од канцер да можат да го живеат својот живот исполнет со достоинство, радост и можности, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во видео обраќање на четвртиот Конгрес на преживеани од рак „Полни со живот“.
– Премногу луѓе се уште страдаат од суровоста на оваа болест. Секоја година на околу 2,7 милиони лица во Европската Унија им се дијагностицира рак, а преваленцата се зголемува. Затоа „Планот за победа над ракот“ е во сржта на нашата Европска здравствена унија, поддржан со четири милијарди евра, рече Фон дер Лајен.
Според неа, целта на овој план е да бидат поддржани пациентите болни од рак и нивните семејства во секоја фаза од „ова тешко патување“, како и да се спречи канцерот и да се обезбеди негово рано откривање и подобра дијагностика и третмани.
Фон дер Лајен истакна дека добра вест денес е тоа што бројот на оние што го преживеале ракот е поголем од кога било досега.
– Но, мора да им помогнеме на овие лица да продолжат да живеат. Затоа изградивме Европска мрежа на млади пациенти и преживеани од рак, бидејќи за младите луѓе, оваа битка е често особено тешка, рече Фон дер Лајен.
Според неа, не смее да се дозволи поранешните пациенти со рак да плаќаат повисоки премии за осигурување или да не можат да добиваат хипотеки.
– Го поздравувам напредокот што го постигнаа нашите земји членки во врска со ова, а ние нема да попуштиме во нашите напори на ниво на ЕУ. Да ги поддржиме пациентите и семејствата низ болеста и да ги поддржиме преживеаните во текот на остатокот од нивниот живот, заклучи Фон дер Лајен.





