Високи функционери од администрацијата на Доналд Трамп ги информираа членовите на Сенатот и на Претставничкиот дом за ударите врз бродови, осомничени за трговија со дрога во близина на брегот на Венецуела, откако во Конгресот се појави незадоволство поради недостигот на транспарентност во врска со операцијата.
Државниот секретар Марко Рубио и министерот за одбрана Пит Хегсет имаа едночасовен состанок со лидерите на републиканците и демократите во Конгресот и со високи членови на комисиите за национална безбедност. На состанокот беа разгледани американските напади врз бродови во Карипското Море и Тихиот Океан, во кои од почетокот на септември загинаа десетици луѓе.
Администрацијата на претседателот Трамп инсистира на тоа дека целите пренесувале дрога, но, според критичарите, владата не презентирала докази, ниту пак ја објаснила правната основа за одлуката бродовите да се нападнат, наместо да се запрат и да се уапсат луѓето на нив.
Неколку сенатори и членови на Претставничкиот дом, кои присуствуваа на брифингот, изјавија дека претставниците на администрацијата потврдиле оти бродовите пренесувале кокаин, а не фентанил, и ја објаснија правната оправданост за постапките на војската.
Некои правни експерти сметаат дека нападите би можеле да го прекршат меѓународното право, како и американските закони против убиства.
Колегите републиканци на Трамп изјавија дека се задоволни од брифингот.
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, ја опиша информацијата за бродовите како „исклучителна“, иако рече дека САД знаат кој се наоѓал на бродовите „скоро до последниот човек“.
– Од она што го знам од информациите со кои располагам досега, можеме да бидеме сигурни. Станува збор за картели. Тоа се луѓето кои се вмешани во тоа. Тие го прават ова намерно. Тоа не се луѓе кои случајно се наоѓаат на бродот. Тие имаат намера да внесуваат шверцувана стока во земјата, а тоа нанесува голема штета на американскиот народ, појасни Џонсон.





