Во Македонскиот народен театар вечерва ќе се одржи премиера на претставата „Варвари“ – дело на големиот руски писател Максим Горки, во режија на проф. Владимир Милчин. Премиерата ќе се одржи вечерва, а следната изведба е закажана за 14 ноември.
Во оваа амбициозна сценска постановка учествува импресивна актерска екипа:
Тони Михајловски, Габриела Петрушевска, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Јана Вељановска и Стефан Спасов, соопшти МНТ.
Директорот на МНТ, Никола Кимовски дека на прес-конференција рече дека во годината кога Македонски народен театар одбележува 80 години од постоењето горд е што првпат во историјата на македонскиот театар делото „Варвари“ ќе оживее токму на оваа сцена и е благодарен што професорот Владимир Милчин го ставил својот режисерски печат токму на оваа претстава.
Режисерот Милчин рече дека ова е негова последна претстава во МНТ. Оваа драма, појасни, не е одиграна ниту на руски јазик во земјата во која авторот живеел пред да мора да се пресели во Италија за да преживее, за да не биде убиен.
Делото „Варвари“ за првпат се поставува на театарска сцена во Македонија. Напишана во 1906 година, драмата на Горки се занимава со длабоки социјални и морални конфликти на почетокот на 20 век во Русија, преку судирот меѓу старото и новото, традицијата и модерноста, човечноста и бездушниот технички напредок.
Главните ликови — интелектуалци, инженери, работници и обични луѓе — се поставени пред морални дилеми што ги откриваат нивните најдлабоки човечки слабости и противречности.
Како автор, Максим Горки останува извонредно современ и во 21 век. Неговите дела, меѓу кои и „Варвари“, се остра критика на лажната цивилизација и моралната корупција што ги носи капитализмот. Преку инженерите Черкун и Циганов, симболи на „железната“ Русија, која ја уништува човечноста на „дрвената“, Горки поставува суштинско прашање — дали напредокот има смисла ако не е заснован на морал и совест.





