Во период кога Ливерпул на Арне Слот поминува низ резултатски турбуленции, а дел од навивачите го критикуваат Флоријан Вирц поради скромниот учинок, таткото на германскиот репрезентативец, Ханс Вирц, за првпат проговори за адаптацијата на синот и за тоа како семејството гледа на неговиот старт на „Енфилд“.
Ханс Вирц вели дека процесот на привикнување е нормален, а 21-годишниот офанзивец е „целосно посветен“ да се докаже во новата средина.
„Флоријан е млад човек кој сака да се докаже во нова средина. Помина помалку од една третина од сезоната. Засега, сè оди како што очекувавме – тоа е сосема нормален процес на адаптација, кој е независен од која било трансфер-сума,“ изјави тој.
Таткото на играчот додава дека статистиката покажува позитивни сигнали, иако головите и асистенциите сè уште недостигаат.
„Ако ги погледнете статистиките малку подетално, ќе видите дека Флоријановото учество во играта е веќе прилично добро; единствено головите и асистенциите сè уште се во исчекување.“
Според него, Вирц сосема свесно го направил големиот чекор – и не жали ни малку.
„Флоријан свесно направи чекор да стане уште подобар фудбалер. И воопшто не жали за тоа. Добро му е во Ливерпул, се радува на секој тренинг и се вклопи во тимот. Ние сме 100 проценти задоволни од тоа како се одвиваат работите.“
Редакција Фронтлајн





