Американскиот рапер Еминем поднесе правна тужба против австралиската компанија за плажна опрема „Swim Shady“, тврдејќи дека името на брендот е премногу слично на неговиот заштитен псевдоним Slim Shady и создава „лажна поврзаност“ со него, пренесува Гардијан.
Во септември раперот, чие вистинско име е Маршал Б. Метерс III, доставил барање до Kанцеларијата за патенти и трговски марки на САД (USPTO) за поништување на трговскиот знак што ѝ бил одобрен на компанијата. Според американските прописи, фирмата мора да одговори на ова барање до следната недела.
Адвокатите на Еминем тврдат дека брендот од Сиднеј „незаконски се поврзува“ со реперот и дека името намерно игра на препознатливоста на Slim Shady како глобална музичка марка.
Од „Swim Shady“ за BBC изјавиле дека ќе го „бранат своето вредно интелектуално сопствеништво“. Компанијата, регистрирана во септември 2023 под името „Swim Shade“ и официјално лансирана во 2024 година, продава преносливи чадори за сонце, торби и други плажни аксесоари.
Брендот во САД го регистрирал својот трговски знак на почетокот од годината, но истиот веднаш бил оспорен од тимот на Еминем. Раперот го има заштитено името Slim Shady уште од 1999 година со излегувањето на истоимениот албум, додека австралиската компанија доставила барање за заштита на брендот дури во јануари 2025.
Адвокатскиот тим на Еминем наведува дека името Slim Shady е „препознатливо и непогрешливо поврзано“ со неговата музичка кариера и дека секое комерцијално користење на варијанти од тоа име претставува повреда на неговиот бренд.
Редакција Фронтлајн





