Македонската велосипедистка Дуња Иванова е официјално номинирана од Македонскиот олимписки комитет (МОК) за престижната награда Најдобар женски спортист за 2025 година, соопшти Велосипедската федерација на Македонија. Номинацијата е признание за нејзината исклучителна сезона исполнета со врвни резултати на домашната и меѓународната сцена.
Во текот на 2024/2025 година, Иванова постигна неколку значајни успеси, меѓу кои:
– Вицешампион на Балканското Маратон Првенство во БиХ,
– Сребрен медал на престижниот УЦИ МТБ Маратон „Камбрилс“ во Шпанија,
– 56. место на светската UCI ранг листа од над 700 натпреварувачки – највисокото досега за македонски велосипедист и резултат што и донесе норма за настап на Светското првенство.
Од Велосипедската федерација истакнуваат дека Иванова не е само шампионка на патеката, туку и активен промотор и двигател на женскиот велосипедизам во земјата.
„Покрај спортските резултати, Дуња активно придонесува за развој, афирмација и напредок на женскиот велосипедизам во Македонија – нешто што ја прави оваа номинација уште повредна“, стои во реакцијата.
Федерацијата додава дека е горда што Иванова се најде меѓу најуспешните спортистки од сите спортови во Македонија и ја нагласува нејзината улога како пример за младите велосипедистки и спортистки во земјата.
Редакција Фронтлајн







