Прашањето за мигрантите е државно прашање и за него мора да одлучува Собранието, а не поединечни општини или советници на ВМРО-ДПМНЕ, изјави денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција.
Таа обвини дека премиерот Христијан Мицкоски со денови избегнува јасен одговор за Резолуцијата со која, според СДСМ, би се гарантирало дека во Македонија нема да има мигранти за пари.
„Премиерот Христијан Мицкоски со денови одбива да даде едноставен одговор дали ќе ја потпише Резолуцијата со која граѓаните ќе бидат сигурни дека мигранти за пари во Македонија нема да има“, рече Кузеска.
Според неа, наместо одговор, јавноста сведочи на одолговлекување и обиди темата да се префрли на локално ниво.
„Наместо одговор, гледаме изговори, одолговлекување и обиди темата да се префрли на локално ниво“, додаде портпаролката на СДСМ.
Кузеска нагласи дека Собранието е единствениот орган кој може да донесе одлука со важност за целата територија на државата.
„Собранието е највисокиот орган на државата, составен од пратеници директно избрани од народот. Затоа Резолуцијата е народен договор. Со една одлука, на целата територија на Македонија, прашањето може да биде затворено“, истакна таа.
Според СДСМ, одбивањето на ВМРО-ДПМНЕ да ја поддржи Резолуцијата отвора сериозни сомнежи.
„Но ВМРО-ДПМНЕ одбива“, рече Кузеска, додавајќи дека, според неа, изјавите на премиерот и функционерите на партијата „сами го потврдуваат планот за мигранти во Македонија“.
На крајот, СДСМ упати јавно прашање до премиерот.
„Не мора да одговори на СДСМ – нека им одговори на граѓаните: Ќе ја потпише ли Резолуцијата? Да или НЕ?“, порача Кузеска.







