Европската комисија ја суспендирала исплатата на средства од европската ИПАРД 3 програма поради сомнежи за злоупотреба на европски пари и корупција поврзана со актуелната власт, обвини денеска Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Од СДСМ посочуваат дека одлуката за суспензија била донесена пред десет дена, но, како што велат, јавноста сè уште не добила официјално објаснување од Владата.
„Европската комисија ја суспендирала исплатата за ИПАРД 3 програмата поради корупцијата на ДПМНЕ. Десет дена власта молчи за оваа одлука“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Според партијата, причината за суспензијата се злоупотреби на европските средства, при што директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, бил уапсен.
СДСМ бара целосно расчистување на случајот и одговорност за сите инволвирани, вклучително и лица блиски до премиерот Христијан Мицкоски.
„Случајот мора целосно да се расчисти и сите инволвирани да одговараат. И Мицкоски треба да одговара за ваков скандал“, се наведува во реакцијата.
Партијата потсетува дека во минатото, по избувнувањето на скандалот, според нив, ВМРО-ДПМНЕ и медиуми блиски до партијата ја обвинуваа опозицијата и поранешни функционери за одговорноста за ИПАРД, што СДСМ го оценува како обид за дефокусирање.
„Токму тоа што СДСМ постојано го разоткрива – дека нападите кон опозицијата служат за дефокусирање од теми како оваа, во која ДПМНЕ се фатени во корупција и криминал со ИПАРД“, наведуваат од партијата.
СДСМ предупредува дека суспензијата на ИПАРД 3 програмата претставува директен удар врз земјоделството, бидејќи земјоделците и агробизнисите кои планирале или веќе започнале инвестиции може да останат без финансиска поддршка.
„Земјоделците и агробизнисмените ќе останат и без пари и без инвестиции поради корупцијата на ДПМНЕ“, се вели во соопштението.
Партијата нагласува дека ИПАРД 3 програмата е вредна околу 130 милиони евра и оценува дека овој случај не е изолиран, туку дел од, како што наведуваат, поширок криминален модел на владеење.
Во соопштението се споменуваат и податоци за, како што тврдат од СДСМ, сомнителни тендери доделени од институции под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
„161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра, како и 9 милиони евра доделени на една фирма со двајца вработени, покажуваат дека на ДПМНЕ не им се важни земјоделците, туку криминалните тендери“, наведуваат од партијата.
СДСМ бара итна, темелна и транспарентна истрага за случајот и целосна одговорност за сите вмешани.
„Работата не е завршена“, порачуваат од опозициската партија.







