Премиерот Христијан Мицкоски, во новогодишно обраќање до јавноста порача дека 2026 година ќе биде година на раздвижување и преобразба, во која, како што рече, ќе се видат резултатите од процесите и реформите започнати во изминатиот период.
Според Мицкоски, годината што изминува била обележана со сериозни предизвици и потреба државата најпрво да се стабилизира по, како што наведе, долг период на нестабилност, несигурност и разнишани институции. Тој истакна дека фокусот бил ставен на консолидација и зајакнување на институционалниот капацитет, што го оцени како неопходен предуслов за понатамошен напредок.
„Работевме тивко, системски и одговорно. Се поставуваа темелите и се расчистуваа наследени состојби. Се носеа одлуки кои не секогаш беа лесни, но беа исправни“, порача Премиерот.
Тој нагласи дека посебен акцент бил ставен на правната држава, со започнување процеси за воспоставување еднаквост пред законот и јасни правила што, како што рече, треба да важат за сите. Реформите, според него, не се козметички, туку длабински и суштински, иако нивната реализација бара време.
Мицкоски посочи дека 2025 година ја гледа како година на подготовка и поставување основи, додека 2026 година ја најави како период на видлива реализација, со конкретни и мерливи резултати.
Во своето обраќање Премиерот најави раст и економско зајакнување, преку реализација на значајни инфраструктурни проекти, нови инвестиции и поддршка за стопанството, како и отворање можности за работа и развој. Како една од целите ја наведе и политичката стабилност, со поефикасно и поодговорно функционирање на институциите.
„Државата има потреба од одговорност, сериозност и заедничка грижа за општото добро“, порача Мицкоски, додавајќи дека визијата е држава во која законот е темел, институциите се сервис на граѓаните, а економијата се движи напред.
На крајот од обраќањето, тој им посака на граѓаните здравје, мир и сила, повикувајќи 2026 година да започне со верба дека напорната работа ќе се исплати и дека Македонија се движи во вистинската насока.










































































































