Денеска на 4. јануари (недела) во 20.30, во МНТ ќе се одржи премиерата на македонскиот кандидат за Оскар „Приказната за Силјан“ од Тамара Котевска пред домашната публика која нетрпеливо го чека ова наградувано дело.
МНТ за првпат ќе биде домаќин на ваква кино промоција, каде ќе биде присутна целата филмска екипа на „Силјан“ која работеше на еден од најдобрите документарни филмови во македонската кинематографија. Доказ за тоа се наградите кои ги пронижа на сите меѓународни релевантни фестивали како и откупувањето на филмот од страна на National Geographic. Светските критичари рекоа: „триумф”, „апсолутен шармер”, „импресивно дело”,„прекрасна и нежна меланхолија деликатно поврзано со екосистемот, кој е предизвикан од притисокот на модерниот живот во Македонија”, и тоа се само дел од епитетите кои ги напишаа светските филмски критичари.
„Приказната за Силјан” е визуелно силен и медитативен филм за издржливоста, грижата и малите дела кои менуваат животи. Во срцето на рурална Македонија, земјоделецот Николa, притиснат од новите државни политики, случајно наоѓа ранет бел штрк на депонија и решава да му помогне. Нивниот кревок, полека граден однос со доверба се претвора во спасоносна врска која му враќа смисла на Никола, ги обновува врските со заедницата и ги буди старите преданија и односот кон природата.
По празниците филмот ќе продолжи да се прикажува во Скопје и низ останатите македонски градови.







