Унгарската групација MOL потпиша обврзувачки договор за купување на 56,15 отсто од акциите во Нафтената индустрија на Србија (НИС) од руската компанија Газпром нефт, соопшти компанијата во понеделник.
Во соопштението се наведува дека со завршувањето на трансакцијата MOL ќе преземе мнозински удел и контрола над единствената рафинерија во Србија, што ќе ја зајакне позицијата на MOL на енергетскиот пазар во Централна и Југоисточна Европа.
Преговорите се дел од обидите да се зачува работата на НИС, која е под санкции на американската Канцеларија за контрола на странски средства (OFAC), преку промена на сопственичката структура.
Во јануари 2025 година OFAC воведе санкции против НИС, како дел од пакет санкции против Газпром нефт и Сургутнефтегас. По неколку привремени изземања, санкциите стапија на сила во октомври.
Извршниот директор на MOL, Золт Хернади, изјави дека компанијата преговара и со ADNOC од Обединетите Арапски Емирати за приклучување како малцински сопственик, додека MOL ќе ја задржи мнозинската сопственост и контролата.
Договорот ќе биде доставен на одобрување во САД, но засега не е јасно како ќе се реализира плаќањето со оглед на санкциите кон Русија.
MOL наведува дека документот Heads of Agreement ги утврдува клучните услови на договорот за купопродажба, вклучувајќи и рокови за длабинска анализа и регулаторни одобренија. Страните имаат цел договорот да биде потпишан до 31 март 2026 година.
Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто изјави дека владата во Будимпешта ќе продолжи да ѝ дава дипломатска поддршка на MOL.
Српската министерка за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ рече дека Србија во преговорите успеала да ја подобри својата позиција и дека во иднина би можела да го зголеми сопственичкиот удел во НИС за пет отсто, но MOL засега не ја потврди оваа информација.
НИС во 2008 година беше продадена на Газпром за 51 отсто од акциите, за 400 милиони евра, плус ветени инвестиции од 550 милиони евра.
Во моментот кога беа воведени санкциите, Газпром поседуваше 6,15 отсто од НИС, додека Газпром нефт имаше 50 отсто, Србија околу 30 отсто, а други малцински акционери околу 14 отсто. Во февруари, Газпром го зголеми уделот на 11,3 отсто, а Газпром нефт го намали на 44,9 отсто.
Повеќето експерти сметаат дека MOL ја зацврстува својата регионална позиција, а компанијата ќе има и поголема преговарачка моќ во однос на хрватската компанија ЈАНАФ, која Унгарија ја обвинува за зголемување на транзитните цени.
Користен извор: Balkan Insight
Преземено: Цивил Медиа







