Европратеници укажуваат дека во Македонија и Србија се спроведува исто „copy-paste“ сценарио, особено кога станува збор за застојот во реформите во правосудството, соопшти Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Според СДСМ, европратеникот Владимир Пребилиќ, член на словенечката зелена партија Весна (Greens/EFA), посочил дека и Македонија и Србија имаат сериозни проблеми со спроведувањето на реформите во правосудството, што предизвикува голема загриженост во Европскиот парламент, особено во однос на независноста на судството.
„Неспроведувањето на реформите, корупцијата и криминалот ја поткопуваат независноста на судството и стануваат сериозна пречка на европскиот пат“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата потсетуваат дека Европската комисија во последниот Извештај за Македонија нотирала сериозни слабости во правосудството, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и во работењето на Собранието.
СДСМ оценува дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ спроведува опасна анти-ЕУ кампања по ист модел како оној што го користи Српската напредна странка во Србија, со цел, како што наведуваат, да се оправда изолацијата на државата и да се избегнат неопходните реформи.
„Намерно се отвораат конфликти со соседите и намерно се обвинува Европската Унија, за да се прикрие неспроведувањето на реформите и да се задржи статус-кво состојбата“, соопштија од СДСМ.
Во реакцијата се наведува и дека ширењето на анти-ЕУ наративот оди и преку медиуми под влијание на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој, според СДСМ, го шири своето авторитарно влијание на Балканот.
„Пораката на европарламентарците е јасна – потребна е промена на курсот за да се искористи актуелниот бран на проширување на Европската Унија, бидејќи никој не може да гарантира кога ќе се појави следната можност“, порачуваат од СДСМ.







