Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, соопшти дека во главниот град нема да се организира дочек на хрватската ракометна репрезентација, откако репрезентативците инсистирале на настап на Марко Перковиќ Томпсон, што, според него, е спротивно на одлуките на градските власти и правилата за користење на јавен простор.
Томашевиќ информира дека подготовките за дочекот започнале откако хрватската репрезентација се пласирала во полуфиналето на Европското првенство, при што со Хрватски ракометен сојуз бил постигнат договор дочек да се организира во случај на освојување каков било медал.
Според договорот, дочекот требало да се одржи на Плоштадот Бан Јосип Јелачиќ, со настап на „Запрешиќ Бојс“ и „Хрватске руже“, кои требало да ја изведат песната „Ако не знаш што је било“, омилена меѓу ракометарите на светските и европските првенства.
По освојувањето на бронзениот медал, ракометарите побарале кон договорените изведувачи да им се придружи и Томпсон, но градските власти, како што наведува Томашевиќ, не можеле да го прифатат тоа барање.
„Тоа би било спротивно на одлуките на градската управа и Градското собрание во врска со користењето на усташкиот поздрав, кој се поврзува со изведувачот, вклучително и со Томпсон, кој веќе ги прекршил тие правила на концерт во Арената“, напиша Томашевиќ.
По ваквиот став на градските власти, хрватската ракометна репрезентација одлучила дочек во Загреб да не се одржи.
„Жал ми е што ракометарите донесоа таква одлука и уште еднаш им честитам за освоениот бронзен медал на Европското првенство“, порача градоначалникот на Загреб.







