Премиерот Христијан Мицкоски, денеска оддаде почит на македонскиот великан Гоце Делчев и порача дека делото и идеалите на Гоце Делчев треба да бидат водилка за тоа како денеска се гради македонската држава, по повод одбележувањето на денот на раѓањето на македонскиот револуционер.
„Денес го одбележуваме раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев, човек кој остави нераскинлива трага. Се сеќаваме и го чествуваме неговото дело, не само за македонскиот народ, туку и за Македонија како држава и за сите граѓани“, изјави Мицкоски.
Тој ја истакна борбата на Делчев за независна македонска држава, оценувајќи ја како епска, нагласувајќи дека револуционерот прерано го загубил животот, на само 31 година. Според него, Делчев имал уште многу да каже и да направи, но животот го положил во служба на идеалите за македонската држава.
„Иако живееше кратко, Гоце Делчев повторно и повторно го положува својот живот за идеалите на македонската држава. Затоа денес да си го спомнеме неговиот лик и дело и тоа нека ни биде пример како понатаму треба да ја градиме нашата заедничка татковина Македонија“, порача Мицкоски.







