Февруарската концертна серија на Институт FAME’S ќе биде отворена на 10 февруари во Камерната сала на Македонска филхармонија, со концертот „Од студио до сцена“, под уметничко водство на врвниот холандско-британски виолинист Даниел Роуланд. На концертот ќе настапат 30 внимателно селектирани млади музичари од Европа.
Концертот е кулминација на истоимената едукативна програма на FAME’S, која се фокусира на процесот на создавање музика – од студиско снимање до концертна изведба. Во рамки на повеќедневна интензивна работа, учесниците ги снимаат делата во професионалното студио на институтот, по што истата музика се пренесува на сцената, добивајќи нова енергија и директна комуникација со публиката.
Програмата е концептуално и драматуршки осмислена околу теми како загуба, трансформација, внатрешен немир и надеж. Публиката ќе има можност да слушне дела од Филип Глас – „The American Four Seasons“, „Musica dolorosa“ од Петерис Васкс, како и „Metamorphosen“ од Рихард Штраус.
„Оваа програма им овозможува на младите музичари да го разберат целиот пат на едно дело – од првата нота снимена во студио до моментот кога таа музика зазвучува пред публика. Процесот бара длабока концентрација, слушање и емотивна зрелост, што е клучно за нивниот професионален развој“, истакна Од Насју Мапа, основачка на Институтот FAME’S.
Со концертот „Од студио до сцена“, Институтот FAME’S ѝ нуди на публиката редок увид во современиот модел на оркестарска едукација, во кој учењето, практиката и јавната изведба се неразделно поврзани. Картите за концертот се достапни преку продажната мрежа на MK Tickets.





