СДСМ обвини дека Владата нема политичка волја да ја зголеми минималната плата, иако во Буџетот има средства, затоа што приоритет ѝ е луксузот, а не егзистенцијата на работниците.
Од партијата наведуваат дека над 200 илјади работници живеат со плати под 30.000 денари и дека минималната плата не ги покрива ниту основните трошоци за живот, додека истовремено Владата планира купување нов авион.
Според СДСМ, за зголемување на минималната плата и за поддршка на приватните компании се потребни околу 200 милиони евра, средства кои, како што посочуваат, можат да се обезбедат со ребаланс на Буџетот и кратење на владините трошоци за луксуз.
„Со нашето решение, преку кратење на службени возила, мебел, патувања и трошоци за кабинети, може да се обезбедат 200 милиони евра за минимална плата од 600 евра и за поддршка на приватните компании, без да им се загрози ликвидноста“, се наведува во соопштението.
Од партијата оценуваат дека Владата го одбила ова, како што велат, одржливо и јасно решение и дека наместо работниците, го избрала сопствениот луксуз.
Во реакцијата се прави и споредба со претходни примери на расипничко трошење, при што се потсетува дека Никола Груевски купувал луксузни возила и лични предмети со јавни пари, а дека актуелниот премиер, според СДСМ, носи часовници вредни над 60 илјади евра и сега планира набавка на авион вреден стотици милиони евра.
„Нема пари за минимална плата од 600 евра затоа што Владата планира купување нов авион за Мицкоски, за луксуз и за туристички патувања, наместо за достоинствен живот на работниците“, порачуваат од СДСМ.







