СДСМ ја обвини Владата дека планира да потроши околу 100 милиони евра за набавка на нов владин авион, наместо средствата да се насочат кон зголемување на платите, изградба на училишта и болници или поддршка на граѓаните, изјави портпаролката на партијата Богданка Кузеска на денешната прес-конференција.
Кузеска истакна дека, според нив, Владата сè уште не дала одговори за трошоците поврзани со користењето на владиниот авион, ниту за патувањата на премиерот Христијан Мицкоски.
„Луксузирањето на Христијан Мицкоски врз грбот на граѓаните и летањето со владин авион на Јадранско море го откри неговото вистинско лице и лицето на неговата расипничка власт“, рече Кузеска.
Според неа, додека граѓаните се соочуваат со економски притисоци и работниците протестираат за повисоки плати, Владата одбива да ја зголеми минималната плата на 600 евра и истовремено разгледува набавка на нов авион.
Кузеска наведе дека со сума од 100 милиони евра, според нивните проценки, би можело да се обезбедат средства за зголемување на минималната плата, изградба на нови училишта, градинки, студентски домови и болници, како и инфраструктурни проекти како водоводи и канализации.
Таа додаде дека, според СДСМ, Владата ги намалила средствата за земјоделски субвенции, спорт и поддршка за лица со ретки болести, додека истовремено планира нови големи јавни набавки.
„Бараме Владата веднаш да се откаже од намерата за купување на нов авион“, рече Кузеска, додавајќи дека јавните средства треба да се користат за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Од Владата засега нема официјален одговор на овие обвинувања.







