СВР Битола поднесе кривична пријава против Е.И. (53) од Битола, поранешна директорка на ЈЗУ Клиничка болница Битола, поради сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според информациите, пријавената во текот на 2023 година, спротивно на законските одредби и без потребните согласности од Министерството за финансии и без спроведени интерни огласи, склучила анекси на договори за вработување за 11 административни службеници во болницата.
Со тие анекси, на вработените им биле зголемени коефициентите на сложеност на работните места и им биле издадени решенија за повисоки плати, односно биле унапредени во повисок степен без да ги исполнуваат условите, вклучително и без соодветно образование.
Од МВР наведуваат дека со овие дејствија бил оштетен Буџетот на Министерството за здравство, односно Фондот за здравствено осигурување, за вкупно 49.304 евра до моментот на поднесување на кривичната пријава.
Како пример, полицијата посочува случај во кој лице вработено како помошник одговорен инженер за техничко одржување, за позиција за која било предвидено средно образование, било унапредено со коефициент што одговара на профил доктор на немедицински науки, што резултирало со повисока плата.
Кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство Битола, кое треба да одлучува за понатамошната постапка.







