Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека проблемот со македонските превозници поврзан со новиот систем за влез и излез (EES) е високо на агендата во Брисел и дека се очекува решение во најскоро време. Во интервју за „Топ Тема“ на ТВ Телма, тој нагласи дека Владата води интензивна дипломатска активност и директно лобирање во европските институции за заштита на домашните транспортни компании.
Николоски посочи дека е започнат официјален дијалог со Европската комисија во рамки на новата визна стратегија, при што македонските превозници за првпат се третираат како професионална категорија.
„Контурите се јасни, а тоа е дека со новата визна стратегија превозниците се признати за првпат како професионалци. Сега се разгледуваат неколку опции – секоја земја од Шенген да издава посебни визи, при што деновите би се броеле само во таа земја, целосно изземање на возачите по примерот на пилотите и машиновозачите, или третман како прекугранични работници“, изјави Николоски.
Тој информираше дека досега се одржани три состаноци со европските институции – еден на политичко и два на техничко ниво, и изрази очекување дека ќе се најде соодветно решение. Како знак на добра волја, според него, примената на ЕЕС системот ќе биде одложена до крајот на септември.
На прашањето дали проблемот ќе биде решен до тогаш, Николоски оцени дека има доволно време и повика прашањето да не се политизира.
„Ова е прашање кое се однесува на бизнисот, а не на политиката, и треба да ја држиме политиката надвор од ова“, рече вицепремиерот.
Тој додаде дека прашањето било разгледувано и на седници на Владата минатата година, а Министерството за надворешни работи било овластено да комуницира со европските партнери.
„Додека не се случи блокадата, не беа свесни во ЕУ за кои размери зборуваме“, истакна Николоски, додавајќи дека Владата останува посветена на изнаоѓање одржливо решение што ќе овозможи непречено функционирање на македонските транспортни компании.







